Во петок ќе се одржи Саем за образование во организација на Почесниот конзулат на Р. Србија во Охрид
Матурантите, идни студенти од охридскиот регион и Македонија, ќе можат да се запознаат со условите, стипендиите и другите бенефиции за студирање на државните и приватните универзитети во Р. Србија. Во петок во Охрид ќе се одржи Саем за образование во организација на Почесниот конзулат на Р. Србија во Македонија.
На саемот ќе бидат презентирани студиските програми и можностите кои им стојат на располагање на македоснските матуранти, од страна на реномирани професори, декани, предводени од Младен Шарчевиќ, советник на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и поранешен министер за образование, информира почесниот конзул Михајло Филев.
„На овој саем покрај програмите ќе бидат презентирани и сите бенефиции кои ќе ги нудат за нашите македонски студенти, како што се стипендиите, олеснувањата во многу начини на запишување на тие факултети и секако стручната спрема на високо образование која ја нудат на високо ниво. А секако тоа е и еден темел на соработката во сферата на образованието која е многу битна за развој на нашиот регион и нашите две братски држави.“ – истакна м-р Михајло Филев, почесен Конзул на р Србија во Македонија.
На саемот ќе има претствници на повеќето факултети и универзитети од Ниш, Белград, Нови Сад како и од приватните факултети кои ќе понудат свои бенефиции и олеснувања во плаќањето., посочува конзулот Филев. Саемот има за цел и поголема соработка на образовните институции меѓу двете држави на полето на образованието и науката како цврст темел за иднина на младите луѓе, вели Филев.
„Ги поканувам сите потенцијални студенти да дојдат да се информираат. Ќе има многу добри услови за соработка во сферата на образованието. И нашите факултети ќе имаат можност да понудат за српските студенти да ги посетуваат нашите факултети, универзитети. Отворени сме за соработка во двете насоки. Ќе има претставници и од нашите факултети и универзитети, ќе се разменат мислења, искуства и условите од двете страни, за да можат студентите понатаму да ги користат сите тие услуги и со тоа да се зголеми културната соработка, соработката во сферата на науката. “ – истакна Филев.
Саемот на образование ќе се одржи симболично на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во големата сала на Општина Охрид во 14 часот. Неговата организација е резултат на добрата соработка на Почесниот конзулат со седиште во Охрид со образовните институции на Србија и Македонија, амбасадата на Р. Македонија во Србија и Општина Охрид. Овај проект кој во фокусот ги има младите луѓе е само еден од низата кои се планирани, најави конзулот Филев истовремено упатувајќи честитки до охридските матуранти.