Во пораст авантуристичкиот туризам во охридскиот регион
Расте интересот за авантуристички туризам во охридскиот регион. Тоа, пак укажува на потребата од постоење на регионален или национален систем за брзо и ефикасно спасување во ризични ситуации. Охридските волонтери за спасување само во еден ден примиле два повици за интервенирање што не било случај во изминативе години.
Два повици за помош во различни ситуации, во еден ден, пристигнале до охридските волонтери за спасување на планина. Параглајдерски тандем не можел безбедно да слета заради лошите временски услови, а млад брачен пар од Естонија останале на планината Галичица откако им се расипло теренско возило, информира Антонио Додевски, професионален водич на планина и генерален секретар на Македонската Асоцијација на интернационални водичи. Во авантуристичкиот туризам ситуациите излегуваат од контрола и има потреба од специјални тимови, појаснува Додевски.
„Како што кажав два повици во еден ден не изненадија. Досега имавме 3 интервенции во еден месец. Тоа укажува дека бројот на несреќите расте. До пред 10 години имавме интервенции на 2 години, во последните 4-5 години имаме по 3 до 4 интервенции годишно. Годинава 3 интревенции во еден месец“, посочува Додески.
Ваквите ризични ситуации укажуваат на потребата од постоење на ефикасен и брз систем за спасување во ризични ситуации. И додека кај нас се повеќе расте интересот за авантуристички туризам, на Балканот и во регионот, недостасува постоење на национален или регионален систем за спасување , недостаток кој мора да се надмине. Охридските волонтери за спасување на планина најавуваат формирање на служба која ќе функционира секој ден 24 часа, а за нејзина оддржливост потребен е слух од државата и од локалните власти, кажува Додески.
„ Во моментов се работи Студија за финансиска одржливост која треба да ги даде моделите со кој во иднина ќе се финансира оваа служба во соработка со Локалните самоуправи во регионот. Спасувањето е прашање на големи трошоци и не може да се гледа бенефит како повратна инвестиција освен како форма во која општината ќе има развој на туризмот или грижа кон граѓаните. Државата и локалните власти мора да соработуваат и да се составен дел од финансиската одржливост“ , потенцира Додески.
Охридските спасители на планина ќе одржат и обуки за спасителите по меѓународни стандарди. Тие упатуваат повик до планинарите и рекреативците од Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен да се пријават на престојните обуки. На тој начин целосно ќе биде комплетирана Службата за спасување на планина, а Охридскиот регион ќе добие современ Центар со опрема за интервенци во ризични ситуации.