Во пораст дијабетесот во охридскиот регион
Статистичките податоци од охридскиот Центар за Јавно здравје (ЦЈЗ) покажуваат дека во периодот 2019-2021 година има стапка на зголемување на дијабетесот во Охрид во споредба со просечната стапка во Македонија, напоменува д-р Даниела Чингоска од ЦЈЗ.
Новорегистрирани случаи со дијабетес во 2019 година биле 100 лица, додека во 2021 бројката е покачена на 120 лица, информира д-р Даниела Чингоска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје од ЦЈЗ.
Во Македонија ако во 2019 година се регистрирала стапка од 4336 заболувања на 100.000 жители, во 2020 оваа стапка расте на 6443, а во 2021 година стапката е 6563. Во општина Охрид стапката од 4932 во 2019 година расте на 9000 во 2020 година, а 9056 во 2021 година – кажува д-р Чингоска.
Пандемијата со ковид 19 предизвика засилена појава на ризик факторите кои се причина за појава на дијабетес мелитус, вели д-р Чингоска.
Главните ризик фактори за појава на болеста се физичката неактивност, начинот на исхрана, дебелината и секако стресот. Цел тој период, со наметнат начин на живот кој го донесе пандемијата, придонесе за зголемување на оваа хронична незаразна болест – укажува д-р Чингоска.
Според податоците од охридското Здружение на дијабетичари, има околу 6000 дијабетичари во Охрид. Бројка која секојдневно се менува и расте, информира Гордана Волкан, претседател на Здружението.
Загрижува се почестата појава на дијагностициран дијабетес кај децата и младите. Во охридското детско Здружение со дијабет се 10-тина деца на возраст до 12 години, а и во земјава нивниот број е во пораст. Таа состојба наметнува потреба од школа за дијабетес, со која ќе се превенира оваа состојба преку едукација на децата, семејствата, но и на наставниот кадар во училиштата, напоменуваат од Здружението. И на светско ниво резултатите се поразителни.
Истражувањата покажуваат дека секој четврти човек во светот со дијабетес не ја добива потребната помош. Во нашата земја има лекови и инсулин со инцидентни прекини, но и понатака се штеди на бесплатните ленти за мерење шеќер, напоменуваат дијабетичарите.
Здруженијата од 2017 година молат и се борат државата да им одобри набавка на сензори преку фондот, кои што ќе им се од голема помош на дијабетичарите, посебно на децата. Сензорите ЦГМС се најнапредната метода за контрола и управуавње со дијабетет, со 24 часовно автоматско следење на гликозата. Набавката преку фондот е преку потребна, бидејќи за многу семејства набавката на сензори приватно е недостапна. Најефтините сензори чинат 70 евра за половина месец. Во здравствените системи на сите околни земји дијабетичарите ги добиваат овие сензори бесплатно.
Светскиот ден на дијабетесот 14-ти ноември, охридското Здружение на дијабетичарите го одбележа со пешачење и мерење шеќер на нивните членови.