Во пресрет на Велигденските празници во Охрид се одржа саем
Во пресрет на Велигденските празници во Охрид се одржа саем.
На охридскиот плоштад кај Чинарот денес имаше весела, распеана и раздвижена атмосфера. Охридските занаетчии на штандови ги изложија своите рачни ракотворби, солени и слатки специјалитети и накит. На саемската манифестација со свои рачни изработки се приклучија основците, децата од градинката и од одделот за гастрономија при ФТУ. Саемската манифестација е под покровителство на Локалната самоуправа , а во организација на градски пазар и охридскиот Црвен крст.
„ Трета година по ред се организира велигденската саемска манифестација на плоштадот Крушевска Република и се најавуваат Велигденските празници. Саемот има хуманитарен карактер и средствата од манифестацијата се доделуваат на општинската организација на Црвен крст која потоа ќе ги прераспредели на лицата со посебни потреби “ , изјави охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
Тони Коталески, директор на ЈП „Градски пазар“, напомена дека од година во година Велигденскиот саем станува се помасовен.
„ Сакаме да помогнеме граѓаните да го почуствуваат духот на Велигденските празници. За таа цел ќе доделиме 30 пакети за лицата од социјален ризик, со оштетен слух и говор,“ истакна Коталески.
Охридските занаетчии, Драган Ѓорѓиевски изработувач на кожни производи и Билјана Тодоровска изработувач на накит, велат дека саемското претставување е добра можност да покажат што изработиле вредните раце на занаетчиите.
„Сакам да ја пофалам целата организација.Се гледа ефектот, градот добива живост. Јас сум трет пат на слични манифестации, а прв пат сум на оваа. Здоволен сум имаме можност да се презентираме со нашите ракотворби“, вели Ѓорѓиески.
„ Ова е добар начин за наше претставување“, додава Тодоровска.
Покрај охриѓани и туристи, на саемската манифестација имаше и родители на деца од основните училишта и градинките. Тие се задоволни што уште од најмали нозе на децатат им се всадуваат навиките за работа и хуманост.
На саемската манифестација беа поставени 25 штандови. На нив беа изложени и се продаваа цвеќиња, слатки, накит, сувенири, традиционални ѓомлезе, питулици и козињаци, производи со велигденски мотиви. За забавата се погрижија Билјана Јуниор од ансамблот за староградска музика, играорци од фолклорно друштво од Лескоец, учениците од основните училишта и дечињата од Јасна Ристеска.