Во тек е постапката за инклузија на основците со попреченост во наставата со помош на образовни и лични асистенти
Од вкупниот број на пристигнати барања поголемиот дел се одлучиле за помош од образовен асистент. Родителите на учениците со попреченост од предметна настава преку анкета не дале согласност нивите ученици да бидат вклучени во инклузивни паралелки.
Со уписите во прво одделение тече и постапка за инклузија на основците со попреченост со помош на
образовни и лични асистенти од 1 до 9 одделениe. Во општините Охрид и Дебрца досега има 25 барања од основци за помош од образовни и лични асистенти со проектот кој почнува во основното образование од учебната 2021/2022 година, вели Наташа Танеска, директор на ОУ Св. Климент Охридски. Ова општинско основно училиште е центар за поддршка на југозападниот регион на битолскиот Регионален центар Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух и вид. Од вкупниот број на пристигнати барања помал е бројот за помош од лични асистенти, додека поголемиот дел се за потреби од образовен асистент, вели Танеска.
„До средината на јуни, по завршување на уписите на првачињата, треба да се достават информации до Министерството за образование и наука колку првачиња со одредена попреченост ќе имаат потреба од образовни или лични асистенти. По завршување на процедурата по 15 јуни се распишува јавен оглас кој го објавува регионалниот центар во Битола каде треба да се доделат образовни и лични асистенти“.
Ангела Чингоска, специјален едукатор и рехабилитатор, го споделува својот став во однос на позитивните резултати кои би ги дал новиот метод од вклучување на лични и образовни асистенти за учениците со посебни потреби.
„Асистентите многу би помогнале во создавање на таа врска меѓу родителите, децата и наставниците, но и за функционирање на децата во училишната средина. Некогаш е потребно повеќе внимание на детето за да го искористи својот потенцијал.“
Дел од подготовките се завршени во сите основни училишта и за учениците од 2 до 9 во општините Охрид и Дебрца. Направени се анкети со родителите на децата со попреченост за да се изјаснат за ангажирање на образовни и лични асистенти.
„Родителите на учениците со анкета не дадоа согласност нивите ученици да бидат вклучени во инклузијата. Делумно е одобрено од МОН ќе ги оставиме тие ученици да дозавршат во нивните паралелки, но понатака нема да правиме уписи на такви ученици туку ќе ги инклузираме во редовните паралелки.“
После завршување на уписите за првачињата во 2021/2020 година по 15 јуни ќе следуваат обуки за избраните лични и образовни асистенти, но и за наставниот кадар во основните училишта.