Skip to main content

Во тек е пријавувањето на фаќачите на чесниот крст за Водици

Вратите на 4 те охридски цркви „Св Никола Геракомија“, „Успение на Св Богородица Каменско“, „Св Никола“, долна Влашка маала и „Св Ѓорги“ горна Влашка маала, деновиве се ширум отворени за пријавување на кандидатите кои на 19 јануари ќе скокаат по чесниот крст.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Тече пријавувањето на граѓаните кои на Водици, за здравје но и да си ја пробаат среќата, ќе скокаат во студените езерски води по чесниот крст. Од Дебарско – кичевската епархија информираа дека испечатени биле околу 600 маици од кои 300 биле донација на фармацевската компанија „Зегин“, а останатите од општина Охрид како и брошури кои веќе се делат на оние кои доаѓаат да се пријават. По повод одбележувањето на големиот христијански празник „Богојавление – Водици“ прецизирана е и програмата на сите настани кои се предвидени за време на трите дена додека трае одбележувањето. На 17 јануари во 19 часот во Домот на културата „Григор Прличев“, Охрид ќе биде промовиран документарниот филм „Танцот на пастрмките“ и ќе има изложба на подводна фотографија. На 19 ти јануари ќе има Свечена богослужба во сите парохиски храмови по повод празникот „Богојавление“ во 7 часот ќе има Утрена богослужба a во 8:30 Света Божествена Литургија.
Литијата со крстот кој ќе се фрла во езерото кон градското пристаниште, ќе тргне во 9 и 45, а во 10 часот ќе биде големиот Богојавленски водосвет.
На Водици, во рамките на чествувањата по повод празникот, годинава по 7ми пат ќе има групно крштевање на православните верници на Сараиште.
Настанот ќе биде со почеток во 12 часот.
Овој чин веќе прераснува во традиција и секоја година бројот на верниците е се поголем а доаѓаат и од други градови од републикава и земји од соседството , да се крстат во осветените води во Охридското Езеро.
Првото групно крштевање беше извршено 2011 година.
На празникот во студенскиот дом „Никола Карев, од 9 до14 часот ќе се одвива крводарителска акција“.
На 20 јануари, на Денот на рибаритево 12 часот традиционално на Сараиште ќе се подготвува рибната чорба а настанот ќе биде проследен со Староградска музика на Ансамблот „Билјана – Јуниор“.