Skip to main content

Во тек е вештачкиот мрест на охридската пастрмка

Во тек е вештачкиот мрест на охридската пастрмка.

 |  Валентина Неловска  | 

Во тек е вештачкиот мрест на Охридската пастрмка.  Ловот и оплодувањето на собраната икра го  спроведува ЈНУ Хидробиолошкиот завод Охрид како овластена установа од областа на рибарството и регистриран репроцентар за производство на репродуктивен и порибитилен материјал, информира директорката на заводот Елизабета Сарафилоска. Ловот се спроведува вообичаено на риболовни локалитети во Охрид, Пештани и Трпејца, укажува Сарафилоска.

„ До овој момент на споменатите  локалитети се уловени вкупно 388 единки од кои 191 женка и 197 машки единки. Од истите се колекционирани и оплодени 530.000 зрна икра“,   информира Сарафилоска.

Според предвидените активности до завршување на  мрестот треба да се обезбедат 2.200.000 зрна икри. Риболовот и покрај студеното време се одвива според планираните активности, додава Сарафилоска.


„ Реализацијата  и динамиката на изведување на задачите зависна е од временските услови во тековниот период и од природата на мрестот. Тековно излегуваме секојдневно, а самиот процес на колектирање на икрата ќе трае до 20 март “, вели Сарафилоска.

Министерството за земјоделство, шумарство и  водостопанство треба да обезбеди 8 милиони денари според  програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата  врз основа на одобрението за риболов во научно истражувачки цели. Исплатата на средствата го врши Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.