Во Трпејца констатирани по една бесправна градба и узурпација на државно земјиште во Националниот парк Галичица
Од националниот парк напомнуваат дека се градат бесправни објекти во континуитет. Досега од пристигнатите 471 барање за легализација дале негативни мислења за 10 објекти. За 29 објекти во близина на Трпејца. кои се во постапка на легализација, воопшто немаат добиено барање за мислење од националниот парк, а според нив треба да се срушат бидејќи се во строго заштитена зона.
Една бесправна градба и една узурпација на државно земјиште во НП Галичица констатирале во 2020 службите од оваа Национална установа. Андон Бојаџи од НП, напоменува дека во рамките на паркот во континуитет се случуваат бесправни активности како што се изградба на објекти, но и на балкони или потпорни ѕидови.
„Чуварите на НП прават записник за констатација дека на некоја парцела има градежни активности. Установата подготвува извештај со заклучоци и препораки. Поглемиот дел од извештаите ги правам јас и барам редовно институцијата да се обрати до Градежниот инспекторат и Министерството за животна средина за да преземат дејствија според нивните надлежности. Да проверат за градбата дали има одобрение, дали е легално или не, и тука завршуваат ингеренциите на јавната установа“.
Националниот парк дава позитивно или негативно мислење дали еден објект треба да биде срушен или легализиран според главниот критериум, режимот на управување со зоните на национачниот парк, укажува Бојаџи. Посочува и на злоупотребите во Законот за постапување на бесправно изградени објекти. Бојаџи, напоменува дека треба да бидат срушени дури 29 објекти изградени во близина на селото Трпејца. Инфомира дека сите се наоѓаат во зона за активно управување и строга заштита на паркот. Иако со Законот за легализација се опфатени објектите изградени до март 2011, многу од градбите се градени после овој законски рок, вели Бојаџи.
„Немаме добиено барање за легализации. Јасно е дека се толкуваше несоодветно законот за постапување со бесправно изградените објекти на начин на кој ќе се овозможеше одложување на проблемите. Според законот требаше да имаат архивско бројче со поднесување на барање и лична карта. Да бидеме искрени дел од луѓето тоа го направија и има влијание на администрацијата да не почнат постапка за легализација за да видат што ќе се случи понатака“.
До НП Парк Галичица досега имале 471 барање за да дадат мислење за постапки за легализација за објекти кои ги води општина Охрид, вели Бојаџи. Во сите случаи не станува збор за изградба на куќи или викендички, туку и за балкони и потпорни ѕидови. Од нив 10 објекти не добиле позитивно мислење затоа што се наоѓале во строго заштитена зона, а останатите 461 биле во зона на одржување и добиле зелено светло да бидат легализирани.