Skip to main content

Во туристички цели Охрид ќе воведува современа информатичка технологија

За туристичка промоција ќе се  финансираат  информатички алатки кои се повеќе се користат во современата технологија. Локалната самоуправа планира од месец мај да ги прошири опсегот  со безжичен интернет на нови локации.

 |  Валентина Неловска  | 

Општина Охрид планира воведување на современа информатичка технологија во туристички цели. Тоа ќе биде еден од начините за привлекување на поголем број гости и задоволување на нивните потреби кои ги наметнува современиот начин на живеење. Со сопствени средства и со проекти за прекугранична соработка со Грција ќе се финансираат информатички алатки кои се користат во социјалните мрежи и он лајн, информира Ѓоко Апостолов од одделението за туризам и локален економски развој.

„Модерни информатички алатки кои се неопходни и најприоритетни за промовирање на туристичките услуги. Тие ќе се имплементираат за да станат традиционални за промоција на Охрид , но не само за туристички цели туку и за други услуги кои ќе ги дава општината“, напоменува Апостолов.

Од употреба ќе се повлекуваат тач скриновите кои беа поставени на неколку локации во градот. Тие подолго време не се во функција.


„ Нивното одржување е премногу скапо и веќе се дотраени. Периодот на употреба е завршен, а поправката е еднаква на набавка на нови. Во иднина ќе се барат други алатки за пристап до информации“, вели Апостолов.

Од месец мај локалната самоуправа планира да ги прошири локациите каде што ќе има бесплатен интернет. Во моментов има три локации со таква можност, а се подготвува документација за уште две локации и тоа на градскиот кеј и црквата Св Софија. Целта на локалната самоуправа е во иднина целата територија на Охрид да биде покриена со безжичен интернет, инфромираат од Тлер.