Во училиштето „Св.Климент Охридски“ се подготвува специјална училница за децата со посебни потреби
Училиштето „Св.Климент Охридски“ подготвува специјална училница за децата со посебни потреби. Училницата се прави во соработка со Црвен крст од Охрид и треба да биде комплетирана во текот на наредните месеци. Училиштето континуирано работи и на подобрување на условите и за останатите ученици.
Во основното училиште „Св.Климент Охридски“ се подготвува специјална училница за децата со посебни потреби. Таа ќе биде направена по сите стандарди за да ги задоволи нивните барања и да им го олесни процесот на учење. Училницата се прави во соработка со Црвен крст од Охрид и треба да биде комплетирана во текот на наредните месеци. Покрај оваа училница планирано е да се направи и тоалет за децата со хендикеп кој ќе им овозможи самостално да ги извршуваат своите физиолошки потреби. Ова училиште е единствената образовна институција во градов каде учат деца кои имаат некаква попреченост или имаат хендикеп па затоа посебно се залагаат да им создадат адекватни услови во кои ќе можат да се образуваат.
Училиштето континуирано работи на подобрување на условите и за останатите ученици.
Согласно акциониот план и годишната програма за работа извршено е поставување на ламинатен под во една училница која се наоѓа во северниот дел на училиштето, а во наредниот период се очекува ламинатен под да биде поставен во уште една просторија. До крајот на учебната година со ламинат треба да се покријат вкупно четири училници. Со ова просториите ќе бидат потопли па ќе се заштеди на електрична енергија, а ќе се подобри и нивниот естетски изглед.
Основен мотив за нашето залагање е што бројот на ученици во училиштето постојано расте. Родителите се здоволни од условите кои ги нудиме па ги запишуваат своите деца токму кај нас иако не припаѓаат во нашиот реон, објаснува Јордан Пуроски- директорот на ОУ Св. „Климент Охридски“.
Во текот на годинава ќе бидат реновирани и тоалетите, а во тек е и поставување на лед рефлектори во спортската сала со што се очекува поголема заштеда на електрична енергија. Покрај внатрешноста на училиштето ќе се разубавува и дворната површина. Со затоплување на времето хортикултурно ќе се оплеменува, а ќе има и голем број активности во кои ќе бидат вклучени и родителите и учениците.
Ние имавме распишано конкурс за ликовна творба со која треба да се нацрта во школскиот двор. Конкурсот заврши па штом ќе е времето поубаво ученикот кој победи на конкурсот заедно со наставникот по ликовно истиот цртеж но со поголеми димензии ќе го нацртаат во школскиот двор, вели Пуроски.
Директорот на училиштето кажува дека тие се задоволни со која динамика ги реализираат зацртаните проекти и ветува уште поголем ангажман и од наставниците и од учениците во подобрувањето на условите кои ги нуди ова училиште.