Skip to main content

Во Велгошка река е забележана појава на пена од непознато потекло

Во Велгошка река е забележана појава на пена од непознато потекло. Жителите од околните куќи се загрижени. Бараат надлежните да утврдат за што станува збор и дали таа појава е опасна за луѓето и природата, затоа што според велгоштани, дел од месното население водата ја користи за наводнување.

 |  Валентина Неловска  | 

Во водите на Велгошка река е забележана појава на пена од непознато потекло. Месните жители кои биле сведоци на појавата испратија видео и фотографии до редакцијата на ТВМ. Тврдат дека вчера во претпладневните часови во речното корито забележале пена од непознато потекло и не знаат од каде доѓа и кој ја предизвикува. Како што тврдат пената по кратко време се стврднува, подига и лета низ воздухот. Стравуваат дека непозната супстанца може да биде штетна по здравјето на луѓето, но и животната средина. Некои од мештаните ги наводнуваат градините со вода од речното корито. За ова состојба побаравме став од Дејан Шикоски, претседател на Месната заедница на Велгошти кој за ТВМ кратко изјави.

„Денес бевме информирани за пената која се појавила во Велгошка река. Никој од жителите вчера не не извести за случајот. По вашето јавување излеговме на терен речното корито беше чисто жителите кои живеат околу речното корито сведочат дека имало пена која се задржала еден час. Ние како МЗ ќе ги информираме институциите да го испитаат случајот и да преземат мерки за поголема еколошка свест кај граѓаните“, изјави Шикоски.

Во телефонски разговор со жители на Велгошти ни беше кажано дека ваква појава се повторила неколку пати изминатиов месец.ТВМ го контактираше и општинскиот портпарол кој пак информираше дека од Општинскиот инспекторат ќе излезат на терен во текот на утрешниот ден за да утврдат за што станува збор и дали пената е опасна и ја загрозува еколошката средина.