Во Велмеј две недели не се подига комуналниот отпад
Во Велмеј две недели не се подига комуналниот отпад .
Во селото Велмеј, во општина Дебрца, контејнери и канти за отпад се преполни со смет кој не се подига веќе две недели, реагира претседателот на оваа месна заедница Гоце Цветкоски. 170 домаќинства се засегнати со овој комунален проблем, додава тој.
„Комуналното претпријатие од Дебрца не си ја врши работата, 14 дена не е подигнат сметот во селото додека во другите села од општината Дебрца е подигнат. Има поставено контејнери и канти се е затрупано со отпад. Велмеј преку викенд има и преку 200 фамилии па се збира доста отпад“, напоменува Цветкоски.
Во селото Велмеј сметот се собира еднаш неделно, во вторник, а жителите за тоа плаќаат давачка по околу 160 денари месечно. Проблем со подигање на сметот имало и минатиот месец, и тогаш добиле одговор дека камионот на Комуналното претпријатие е расипан. Цветкоски вели дека сега ни усно ни писмено немаат одговор што се случува иако побарале одговор од директорот зошто не се подига сметот.
„Ние имаме проблем постојано и со ЈП Комуналец од Дебрца и со водоводот. Испукани се цевки и не ги санираат иако е нов водоводот. Во саботата имавме Собир на граѓаните цело село беше собрано и зазедовме став да се обратиме до Републичкиот инспектор за екологија и до Владата на РМ за проблемите кои ги имамаме во селото“, за ТВМ изјави Цветкоски.
ТВМ стапи во контакт за посочениот проблем со директорот на ЈП Комуналец од Дебрца, Васко Јончески. Јончески информираше дека единственото возило за подигање на отпад им е во дефект. Прават напори да го решат проблемот и се надеваат дека во текот на оваа недела контејнерите и кантите со отпад во Велмеј ќе бидат испразнети.