Водата во езерото погодна за капење
Површинската вода на езерото е со одличен квалитет па сезоната за капење може да започне, велат од Центарот за јавно здравје. Постојано се следи и квалитетот на водата за пиење како и на реките кои се влеваат во езерото. Се води сметка и за проблемот со комарците.
Охриѓани и гостите доколку имаат желба слободно можат да се капат во езерските води. Од Центарот за јавно здравје велат дека водата е со одличен квалитет. Мострите кои биле земени од 40 точки на брегот на езерото покажале дека најголемиот дел од водата е од прва категорија, а помал од втора.
Ова е очекувано во овој дел од годината. Водата е со најдобар квалитет на потегот од Св. Наум до Парк. Мала деградација има на Сараиште и на пристаниште, но тоа е поради поголемиот воден сообраќај, вели бромологот Сашо Точков.
Сеуште проблем преставуваат трите реки во охридско, Коселска, Велгошка и Сатеска кои се со идентичен квалитет, односно трета класа. Лоша е состојбата и во реката Црн Дрим која пак се загадува со водата која поминува низ пречистителната станица во Враништа која е од 4 и 5та класа. Точков објаснува дека неодамна бил испитан и квалитетот на водата од јавните чешми во градов и резултатите покажале дека граѓаните слободно можат да ја пијат. Постојано се испитува и водата од Билјанините извори и нејзиниот квалитет во изминативе три месеци е на високо ниво.
Граѓаните можат да бидат мирни кога е во прашање квалитетот на водата, но и кога станува збор за досадните комарци. Точков вели дека на крајот на мај и почетокот на јуни се извршило првичното прскање против овие непријатни инсекти.
Прскањето беше успешно. Следното прскање ќе биде на почетокот на месец јули после авионското прскање кое е најавено од страна на Министерството за здравство, вели Точков.
Од Центарот за јавно здравје најавуваат дека доколку се јави некаков проблем со квалитетот на водата или пак има поголема наезда на комарци навремено ќе превземат мерки и ќе ги алармираат граѓаните.
{loadposition content9}