Skip to main content

Водата во Охридско Езеро со одличен квалитет, може да се користи за капење, спорт и рекреација

Водата во Охридското Езеро е микробиолошки и хемиски исправна, од прва категорија, покажуваат анализите што секоја година пред летната туристичка сезона ги спроведува Центарот за јавно здравје. Испитувањето е вршено на примероци земени на 39 места на потегот од Свети Наум до Радожда. При тоа и понатаму има деградација на водата на познатите црни точки , а реките што се вливаат во езерото и натаму се потенцијални загадувачи.
 |  Маја Савиќ  | 

Водата во Охридското езеро е со највисока прва класа, со одличен микробиолошки квалитет. Ова го покажале микробиолошките и санитарно-хемиски анализи кои Центарот за јавно здравје ги врши пред почетокот на туристичката сезона. Испитувањето на квалитетот на водата во Охридското езеро е вршено во втората половина на мај и почеток на јуни на земени примероци од 39 локации на потег од Св Наум до Радожда и реките кои се вливаат во езерото.

„Најголема деградација, односно опаѓање на квалитетот или постојан неквалитет на водата, што не е ново, има во реките коишто се вливаат во езерото, тоа се Велгошка, Коселска и Сатеска каде водата микробиолошки е незадоволителна , а хемиски квалитет спаѓа на трета класа што значи дека сите овие реки се потенцијални загадувачи на езерото.“ – вели директорот на Центар за јавно здравје Охрид, Сашо Точков.

И понатаму црна точка е и водата во каналот кај Едриличарски сојуз каде со години се влева отпадна вода од цевка и таму примерокот на водата е од петта класа, додека водата во Студенчишкиот канал од трета категорија хемиски, а микробиолошки со незадоволителен квалитет.

Но генерално на стартот на сезоната водата, на сите испитани лоокации на крајбрежјето, е со висок квалитет и ги исполнува сите законски услови за да се користи за капење, спорт и рекреација, вели Точков.

„Благодарение на високата моќ на езерото за самопрочистување, која пак, морам да напомнам , не е бесконечна, сите оние примероци кои се земени од крајбрежјето и 15 метри од брегот се со одличен квалитет. Немаме вода која што е под втора класа. Сите се од прва класа и само еден примерок е од втора.“ – посочува Точков.

Трпејца

Ваквата состојба се очекува да се промени во јули и август со зголемувањето на бројот на гости и оптеретувањето на колекторскиот систем кој има ограничен капацитет и не може да го опслужи притисокот во летната сезона, вели Точков. Дополнително езерото е оптеретено со загадување во деловите на крајбрежјето каде воопшто нема колекторски систем.

„Делот кај Трпејца каде нема колекторски систем , каде луѓето кои ги користат тие капалишта се жалат на кожни промени или стомачни тегоби. Не можеме да ја пронајдеме поврзаноста но факт е дека објектите , селата од Пештани нагоре не се приклучени на колекторскиот систем и отпадната вода оди во Охридското езеро.

Минатата година имавме деградација на квалитетот на водата во екот на сезоната во јули и август кај Калишта и Радожда. Очекуваме и оваа година. Нема колекторски систем, фекалните и отпадни води од домаќинствата и угостителските објекти завршуваат во езерото. Некогаш тоа ќе се покаже, зависи и од струењето и други најразлични фактори, но не секогаш може да се детектира загадувањето , но тоа оди во езерото и претставува оптеретување.“ – вели Точков.

Охридското езеро не може бесконечно да трпи загадување и треба да се размислува во насока на намалување на притисокот од масовниот туризам и интензивната урбанизација , неопходно е и подигнување на свеста кај населението и конечно решавање на црните точки на крајбрежјето, посочува Точков притоа информирајќи дека веќе е во тек изработка на проекти за изградба на пречистителни станици во Подмоље, Љубаништа и Радожда.