Водните живеалишта-богатство кое мора да се сочува
Чекорите се мали, но заштитата на водните живеалишта тргнува во вистински правец.
Живиот и разновиден биолошки свет постои дури и на места за кои не сме свесни. Она што загрижува е што недостигот на свеста, неинформираноста или во крајни случаи и намерното загадување, овој разновиден биодиверзитет го деградира и уништува. Денес е светскиот ден за заштита на водните живеалишта, живеалишта како нашето Охридско езеро, како реките кои се сливаат во него, како мочуриштата, како Студенчишкото и Белчишкото блато кои се природни филтри за Охридското езеро.
Невладини организации, екологисти и експерти од областа на биологијата и екологијата, денес потсетија на се поголемата потреба од заштита на овој биодиверзитет со кој за среќа сеуште располагаме.
„Ние како екологисти, како луѓео кои што се борат за животната средина, сме задоволни од фактот дека оние кои што години наназад го наружија еко-системот, оние кои што години наназад го нарушуваа Охридското езеро, околу и во самото езеро, денеска стануваат борци за заштита на животната средина, што значи дека тоа е една победа на екологијата и уште многу вакви победи, еколошки очекуваме за Охрид, затоа што тоа ќе му помогне и во развојот и нормално во туристичката понуда која што ја има.“-вели Дејан Паноски, од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско езеро и организатор на средбата.
Д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт од Охрид го потенцираше значењето на блатата како еко системи важни за одржувањето на растителните и животинските видови пред се поради фактот што во Студенчишкото, Белчишкото и другите блата се врши мрест на повеќе видови на риби, а и таму се вгнездуваат и голем број на птици.
Но за жал од почетокот на деградацијата на Студенчишкото блато која започнала пред триесетина години, овој значаен биодиверзитетен резерват се претвора во градежна депонија. Оттука процесот на заштита е исклучително важен за зачувувањето на ова природно богатство.
„Може слободно да се каже дека сме некаде на почеток во поглед на заштитата, затоа што за да се ревитализира еден вид, тоа го гледаме и со пастрмката, кога нешто ќе се поремети во природата, тешко се враќа на некое нормално ниво, така и кај сите останати, било да се растителни или животински видови. По уништувањето или доведувањето на популацијата во некоја критична состојба, нејзиното враќање во нормална состојба е многу тешко.“-рече д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Кога се зборува за проекти од областа на екологијата, често се доаѓа до констатацијата дека има недостиг на средства за спроведување на било какви проекти со кои се зачувува некој биодиверзитет. Од еколошкото друштво „Грашница“ не се сложуваат со тоа. Тие велат дека ИПА програмата на Европската унија, нуди огромни средства токму за вакви проекти, но дека овде тие средства не се искористени.
„Овде за жал тоа многу тешко оди. Некој ќе рече зошто вие екологистите не земете. Има тука одредена процедура во добивањето на тие проекти. Треба партнерство како овде, така и со Албанија, но тешко одат тие договарања и на крај за аплицирање во такви проекти едно невладино друштво треба да има капацитет, пред се буџетски што е услов за да се аплицира. Мислам дека не само „Грашница“, туку и другите невладини организации во Охрид, не располагаат со такви буџети и тоа е основната причина зошто не можеме да аплицираме. Тука треба да дојде помошта од локалната власт и нејзините структури, да може да се оди во партнерство што за жал досега не сме го искористиле.“-вели претседателот на еколошкото друштво „Грашница“, Борис Стојаноски.
Со европски фондови или со самофинансирање, со конкретни проекти или со генерално подигнување на еколошката свест, не е важно како. Она што е важно е дека она што го имаме како природно богатство, во секој случај мора да го заштитиме.
{loadposition content9}