Водопост – ден пред празникот Богојавление
Денес е Водопост ден пред празникот Богојавление. Првославната Црква ги прави подготовките за утрешното осветување на водата. Досега се пријавиле над 300 верници кои ќе скокаат во водите на езерото по светиот крст.
Утрово голем број верници дојдоа во охридските храмови на утринска богослужба. Христијаните , денес со строг пост го празнуваат Водопост ден пред големиот христијански празник Богојавление кога во црквите се читаат царските часови , појаснува отец Диме Азески.
„ Преку тие царски часови ни се открива големата тајна која се случува на празникот Богојавление. Тоа е откривање на јавувањето на едниот Бог во 3 лица. Тоа е и суштината на нашата вера. Веруваме во еден Бог, а го исповедуваме во 3 лица како Отец или Светиот дух, а Богојавлението тоа ни го потврдува“, вели отец Азески за подготовките кои ги прави Црквата пред утрешниот празник.
За утрешниот ден Водици , во охридските цркви досега над 300 верници се пријавиле за да скокаат во водите на езерото во обид да го фатат чесниот крст, информира Илија Ристески од Црковниот организациски одбор.
„До сите апелираме прво да ги посетат црквите, достинствено во духот на православнoто христијанство. Прво да се прослави празникот, а потоа сите заедно со литија да тргнеме кон градското пристаниште во 10 часот каде ќе се изврши голем Богојавленски водосвет и ќе се положи чесниот крст во водите на Охридското езеро“, вели Илија Ристески.
Ристески кажува дека меѓу пријавените кои ќе скокаат по крстот има капачи од различни возрасти. Додава дека во Охрид е голем култот за капење во езерото по чинот на осветување на водите. Ристески апелира до фаќачите на крстот да ги почитуваат препораките на ОО Црвен крст пред влегување во водите да не се конзумира алкохол и да се направат превентивните прегледи.