Вонредна инспекција на Буково, пожарот на депонијата се гаси со дрон
Скоро една недела се крева чад од депонијата Буково. Службите на ЈП „Охридски Комуналец“ го санираат опожарениот дел, а во неколку наврати интервенирале и Противпожарните единици на Охрид и Ресен.
Општински инспектор за животна средина од Охрид извршил вонреден инспекциски надзор во нестандардната комунална депонија во врска со опожарувањето, информираат од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
„Депонијата со механизација се затрупува со земја и се гаси и со беспилотно летало-дрон со течна алга, а до самозапалување е дојдено поради високите температури, како и излегувањето на метанскиот гас.“- велат од ДИЖС.
Состојбата интензивно се следи на терен од страна на инспекциската служба, велат од ДИЖС посочуваат дека било укажано од нивна страна да се вклучат сите расположиви капацитети (човечки и механизација) за санирање на состојбата во насока на спречување на понатамошно загадување на воздухот и животната средина и заштита на здравјето на луѓето. Додаваат дека се во перманентна комуникација со општинскиот инспекторат од Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“.