Во вторник закажана седница на Советот на Општина Охрид
Полни раце работа за градските избраници на крај од месец август. Ново издание на седницата на советот на Општина Охрид, е закажано за вторник 29-ти август во 9 часот. Обмениот дневен ред од околу деведесет точки, ќе започне со Предлог-одлука за давање мислење на Програмите за изведување на училишните екскурзии и други слободни активности во учебната 2023/2024, за основните и средните училишта од градов, Предлог-одлука за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во две средни и едно основно училиште во Охрид, Предлог-oдлука за усвојување на Годишниот извештај за работата и материјално – финансиското работење на образовните установи и усвојување на нивните програми за работа за следанта учебна година.
Пред советниците ќе се најдат извештаите од работата на јавните препријатија и остварените резултати од нивната работа во вториот квартал од годинава. Ќе се одлучува во врска извештаите за реализација на програмите од голем број сфери од општественото живеење, како и точки од сферата на урбанизмот,а советниците ќе треба да се произнесат и во врска со Предлог-одлука за усвојување на извештајот за остварување на буџетот на Општина Охрид за вториот квартал.
Градските избраници ќе треба да ги аминуваат годишните планови за вработување во јавните претпријатија и општината. На ова издание на седницата на Советото, ќе се најде и предлог одлуката за предлагање за прогласување на локалитетот „Дувало“-сулфатарата во село Косел во категорија- природна реткост.