Возач со 2,78 промили алкохол удри пешак во Охрид и побегна
На 13.04.2026 година во 16:05 часот во СВР Охрид било пријавено дека на улицата „Кленоец“ во Охрид, патничко возило „Опел“ со охридски регистарски ознаки удрило во пешак од охридското село Свиништа и го напуштило местото на настанот. Во несреќата, 55 годишниот пешак се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
По преземени мерки од страна на полициски службеници од СВР Охрид, возачот бил пронајден и, по наредба на јавен обвинител, лишен од слобода, а возилото било одземено. При извршените проверки било утврдено дека возачот бил под дејство на алкохол, односно имал 2,78 промили алкохол во крвта. И кај пешакот било утврдено присуство на алкохол, односно 1,34 промили во крвта.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.


