Реакции

Вознемирени охриѓани по пукањето кон бугарскиот клуб

Непознати сторители од огнено оружје стрелале кон канцеларијата од улица каде што во близина има минувачи и работат многу продавници. Полицијата работи на расчистување на случајот, а стигнаа реакции и од министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија.
 |  Валентина Неловска  | 

Од огнено оружје е стрелано кон Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Непознати сторители, синоќа околу 19 часот, пукале кон канцеларијата, во период кога работат многу продавници во ТЦ Амам и се во непосредна близина на клубот. За овој настан никој не сака да зборува, но има видна вознемиреност кај вработените во околните продавници и градскиот паркинг, но и кај охриѓани.

Од охридската полиција информираат дека работат на расчистување на случајот. Во писменото соопштение, испратено до медуимите, портпаролот на СРВ Охрид Стефан Димоски, наведува дека нападот е извршен во 19 часот и 12 минути на 23 ноември.

bu klub

Пријавено е оштетување на стакло на канцеларијата на здружението ‘Цар Борис Трети’ лоцирана на булеварот Македонски просветители во ТЦ Амам во Охрид. Полициски екипи при СВР Охрид излегле на местото на настанот при што, утврдено е дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. За настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот“.

За настанот се огласи и Македонското Министерство за надворешни работи осудувајќи го вандалскиот чин. Повика надлежните институции да ги истражат „околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава“.

Бугарското Минсаиетрво за надворешни работи ѝ врачи остар демарш на  Агнеса Руси-Поповска, македонската амбасадорка во Софија. Во него соопштуваат дека ја забележале реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаат тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин. Очекуваат да се откријат и судат „сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети“.

Ова е трет напад врз клубот за помалку од два месеци. Претходниот беше извршен пред само два дена, кога, исто така, беа оштетени надворешните стакла, но со камен. Клубовите Цар Борис Трети во Охрид и Ванчо Михајлов во Битола, согласно измените на Законот за здруженија и фондации ќе треба да се усогласат и  да ги променат спорните имиња, во спротивно ќе бидат избришани од Централниот регистар на барање на Министерството за правда.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© 2008 - Сите права задржани. Поддржано од ТВМ ТелевизијА.
Back to Top