Skip to main content

Се поместува возрасната граница на пациентите со коронарна артериска болест

И покрај иновативни процедурите коишто се употребуваат и третманот, сепак, коронарната артериска болест се уште го држи првото место во општата смртност кај популацијата, вели доктор Наташа Скрческа, специјалист кардиолог од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања Св.Стефан во Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Во Македонија повеќе од 60% од смртните случаи се последица на срцево садовите заболувања. Во југозападниот регион полека се поместува возрасната граница на пациентите со коронарна артериска болест и се почесто има млади пациенти со миокарден инфаркт, посочува доктор Наташа Скрческа, специјалист кардиолог од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид.

– Имаме доста пациенти со коронарна артериска болест. Можам да кажам дека во годиниве се поместува надолу границата за појава на ова кардиоваскуларно заболување. Помлади пациенти имаат почесто коронарна болест и симптомите и болестите коишто настануваат од неа. Почесто имаме млади пациенти со миокарден инфаркт. Од друга страна поради третманот на оваа болест, се зголемува онаа старосна граница кај населението, односно, луѓето живеат подолго како резултат на новите лекови, новите техники за лекување, така да нешто значајно немаме приметено да се намалува или зголемува бројот на пациенти со коронарната болест, вели Д-р Скрческа – специјалист кардиолог.

Возраста кај пациентите, полот, генетската предиспоцизија се ризик фактори коишто не може да се променат, но може да се делува врз високиот притисок, мастите во крвта, дијабетесот, пушењето , дебелината, физичка неактивност, вели д-р Скрческа.

Ќе им дадам совет на пациентите и на целото население помалку да пушат, да водат грижа за своето здравје, физички да се активни, здраво да се хранат и да се почитуваат советите на докторите во однос на лекување доколку имаат веќе некоја постоечка болест, порачува Д-р Скрческа.

Најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2, може да се превенираат при што од клучно значење се превентивните здравствени прегледи. Д-р Скрческа порачува пациентите да се советуваат со своите матични лекари за ризик факторите за срцево-садовите заболувања и за упатување на кардиоваскуларни прегледи. Во рамки на одбележување на Неделата на срцево-садови заболувања од 21-28 февруари, Д-р Скрческа денес во просториите на Црвен крст Охрид одржа предавање за ризик факторите, превенција, третман и лекување на болестите на срцето и крвните садови во просториите на Црвен крст Охрид.