Вредна донација од Јапoнија за Охрид
Комунално возило кое ќе обезбеди побезбедна животна средина и донира јапонската влада на Општина Охрид. Денеска Амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков го потпишаа договорот за грантот во вредност од 60,640 евра од програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP) .
Комуналното возило кое ќе го користи ЈП Нискоградба има за цел одржување на чистотата и заштита на животната средина, посочи во своето обраќање на церемонијата на потпишување, градоначалникот Пецаков.
„Станува збор за крупна и исклучително значајна субвенција ако се земе во предвид дека ЈП Нискоградба располага со застарени комунални возила. Новото комунално возило ќе овозможи навремена санација на дефекти во канализационата мрежа. Општина Охрид има 7 пумпни станици и 175, 84 км канализациона мрежа. Бројот на дефекти на истата во последните години бележи зголемување , најчесто поради тврд отпад кој се собира во канализационата мрежа.“,- кажа Кирил Пецаков, Градоначалник на Општина Охрид.
Голема е честа што сум повторно во Охрид по повод потпишување на уште еден грант во рамки на јапонската GGP програма за неповратна помош за развој на локалните заедници, истакна Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија во РСМ.
„Охридското Езеро и регионот се наше светско природно и културно наследство, но за жал се загрозени и треба меѓународната заедница да помогне да го задржи овој статус. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има безбедна животна средина.“,истакна Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија во РСМ.
ЈП „Нискоградба“ со ова возило ќе ја остварува својата цел за поефикасно работње и навремено санирање на дефектите што ќе значи почиста и побезбедна животна средина, истакна директорот на претпријатието Александар Трпеноски.
„Со употреба на ова возило ќе се намалат трошоците за одржување на старите дотраени возила во висина од 48%, а загадувањето на Охридското езеро би се намалило за 40 % со што ќе се заштити неговата природна флора и фауна. Граѓаните на Охрид нема да бидат изложени на ризик од заболувања поради загадување со фекалии во своите дворови, домови и улици.“, посочи Александар Трпеноски – Директор на ЈП „Нискоградба“.
Преку проектите од програмата за мали грантови , Јапонија има финансирано во реновирање и набавка на опрема училишта и градинки, здравствени установи, обезбеди специјализирани возила за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина во Македонија. Јапонија е силно посветена во поддршката на Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата на земјата во ЕУ, порача од Охрид, Амбасадорот Савада.