Времето не лекува се
И после шест години охриѓани сеуште неможат да се помират со фактот дека по чаршијата ја нема старата калдрма. Тие бараат грешката од минатото некако да се исправи.
Охриѓани сеуште носталгични по калдрмата во чаршијата. Тие живо се сеќаваат на шеталиштето поплочено со камен уште од турско време. Чаршијата беше поплочена со оригинална калдрма од турскиот период се до 50-тите години од минатиот век кога е заменета со автентични камени плочи. За жал, во 2006 година каменот беше заменет со мермерни плочки од низок квалитет, а од црвенкастите камени блокови не е оставена ниту мала апликација за да потсетува на старата убавина. Старата охридска калдрма, која важеше за една од најпознатите и најубавите во Македонија, остана уште само во песните и на старите фотографии.
Градоначалникот Александар Петрески пред неколку години рече дека ќе ја врати калдрмата во чаршијата, но тоа досега не се реализира. Тој денес објаснува дека и покрај неговата желба и желбата на поголемиот дел од граѓаните ваквата иницијатива не може да се реализира. Петрески вели дека има повеќе причини за тоа. Прва и најважна е што каменот со кој беше поплочена чаршијата речиси веќе го нема. Дел од него бил оштетен уште при зафатите кои се правеле, дел завршил во приватни дворови, а дел пак се уништил при обидите истиот да се обработи. Останати се само малку гранитни коцки со кои се планира да се направат некакви апликации на градскиот плоштад кои моментално се наоѓаат во ЈП „Комуналец.“ Петрески објаснува дека ова ќе биде дел од проектот за реконструкција на плоштадот. Тој вели дека по сугестија на архитектите на плоштадот ќе се направат повеќе приоди. Градоначалникот чека за ваквите планови зелено светло да даде Завод и музеј затоа што ова подрачје под негова заштита.
Останува да видиме дали овој проект ќе се реализира или ќе остане само пусто ветување. На крајот на краиштата подобро нешто отколку ништо. Додека Европа како зеница во окото си го чува старото и автентичното ние го уништуваме. Само за пример
Париз, Рим, Прага и Лондон се само дел од светските метрополи каде што калдрмата и натаму живее. Рим важи за град на фонтаните и на калдрмите и токму автентичната архитектура дополнета со ситните коцки привлекува многу туристи. „Форбс“ неколку години наназад го прогласува Париз за најубав град, кој воодушевува со ниските градби и со старата калдрма.
{loadposition content9}