Skip to main content

Булингот меѓу младите сè почесто добива и дигитална димензија

Врсничкото насилство сè почесто добива и дигитална димензија. Последниот случај во Кочани, повторно го отвори прашањето за навремената превенција и реакција. Експертите велат во борбата против булингот мора да бидат вклучени сите – институциите, училиштата и родителите.
 |  инфодеск  | 

Насилството мегу децата и младите   сè почесто ја поместува границата меѓу физичкиот напад и дигиталниот простор. Последниот случај во Кочани, во кој шест и полгодишно дете беше физички нападнато, соблечено и снимано со смарт часовник од други малолетници, повторно го отвори прашањето колку рано треба да се реагира.

Булингот е сериозен проблем, а загрижува тоа што штетата се зголемува преку технологијата. Институциите заеднички треба да работат на превенција.

„Ние како Црвен крст сме отворени за соработка и соработуваме со сите институции, со СВР-а, со Центар за социјална грижа, со сите невладини организации и е многу важно сите заедно системски да работиме на овој проблем. Училиштата, секако, но морам да напоменам дека и родителите се тука една од главните карики.” – вели Весна Терзиоска, претседател на Црвен крст Охрид.

Во време кога мобилните телефони, паметните часовници и социјалните мрежи се секојдневие за децата, границата меѓу насилството во живо и онлајн станува сè потенка, а штетата поголема.

„Нашата цел е првично тие да не се некои кои ги носат таквите неприфатливи, да речеме, однесувања, а друго да се охрабрат да бидат тие кои гласно ќе зборуваат за тоа и гласно ќе се борат против тоа, односно ќе ги освестуваат другите околу нив кои се вистинските вредности кои што треба да се негуваат, а тоа секако е ненасилно однесување.”-потенцира Терзиоска.

Младите треба отворено да зборуваат за проблемите, токму тоа е целта на програмата „Млади лидери создаваат иднина” на Црвениот крст Охрид – да не бидат ниту насилници, ниту пасивни набљудувачи.

Новинар: Соња Рилковска