Skip to main content

Вртоглави износи за струја во општина Охрид и јавните претпријатија

Посебно е загрижувачка состојбата во ЈП „Водовод“. Охридскиот градоначалник решение од кризата гледа во субвенции од Владата или отстапување на поголем месечен поврат на средствата од државата на сметка на општините.

 |  Валентина Неловска  | 
Зграда општина Охрид

Енергетската криза тропа на вратата од општина Охрид и јавните претпријатија. Сметките за струја достигнуваат вртоглави износи кои не можат да се подмират од сопствени извори. Во моментов, општината и двете ЈП „Водовод“ и „Билјанини извори“ немаат потпишан договор со добавувач на електрична енергија. Градоначалникот Пецаков очекува помош од државата за да се реши проблемот со кој се соочуваат сите општини во државата.

Ние сме на работ на егзистенција како ЈП и сме во дилема, како некогаш да има рестрикции на вода или да нема вода, вработените да не можат да земат плата. Владата нема слух за интревенција, за помагање на општините и на Локалните самоуправи. Како ЗЕЛС и јас како член на УО направивме обиди и очекуваме на седница да не примат сите членови на УО на ЗЕЛС и да видиме како реално државата може да помогне – истакна Пецаков.

Градоначалникот Пецаков е посебно загрижен за високите сметки кои пристигаат во ЈП „Водовод“. Во моментов не е доведено во прашање водоснабдувањето со вода за пиење на градот поради поволната хидролошка состојба во периодов, но неизвесна е состојбата во претстојниот летен период.

Приходите на претпријатието се од 10 до 11 милиони денари месечно, а сметката за струја е 6 милиони денари, тешко е да се издржи. Сега пумпите за вода трошат помалку струја затоа што резервоарите се полни со вода, но во лето се очекува сметката да биде и до 10 пати повисока и не знам како ќе функционираме без помош на владата која нема слух – вели Пецаков.

Охридскиот градоначалник излез од оваа тешка енергетска криза гледа во децентрализација на општините. Спасот е во поголем месечен поврат на средствата од државата на сметка на општините. Тоа ќе значи можност локалните самоуправи да располагаат со повеќе средства за покривање на трошоците и вложување во инвестиции од интерес на граѓаните.