Врвни светски професори по археологија на симпозиум во Охрид

Врвни професори, академици и истражувачи од престижни европски и светски универзитети и научни институции се дел од Вториот меѓународен научен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“, кој од 18 до 20 септември се одржува во Охрид.
На симпозиумот учествуваат еминентни имиња од областа на археологијата и античката историја, меѓу кои професори и раководители од Сапиенца, Универзитетот во Лајден, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Институтот „Макс Планк“ од Фиренца, Универзитетот во Гетеборг, Полската и Австриската академија, како и претставници на УНЕСКО катедрата за наследство на иднината.
Меѓу учесниците е и професор Фелипе Криадо Боадо, основач и долгогодишен претседател на Шпанскиот институт за културно наследство и поранешен претседател на Европската асоцијација на археолозите.
Овогодинешната тема е „Медитеранската археологија помеѓу империите и империјализмот“, преку која научниците ќе ги разгледуваат археолошките процеси, културните контакти и промените што низ историјата се одвивале во медитеранскиот простор.
Симпозиумот го организира Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“, во соработка со Управата за заштита на културното наследство, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Институтот за културно наследство и археологија – Скопје, како и повеќе партнери од земјава и странство.
По минатогодишното прво издание, на кое учествуваа повеќе од 60 научници од САД, Европа и Азија, годинава симпозиумот повторно ги обединува светските археолошки центри токму во Охрид.
Научните сесии ќе се одржуваат во Куќата на Робевци, Меморијалната куќа на Христо Узунов и Меморијалната куќа на Григор Прличев, додека официјалното отворање е предвидено во Галеријата на икони – Охрид.
Организаторите најавуваат и меѓународна научна публикација во која ќе бидат објавени прилозите од еминентните учесници на симпозиумот.
Настанот воедно го означува и почетокот на официјалното чествување на Европските денови на наследството во Охрид, град кој со своето богато културно наследство е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО.




