За автопатот Кичево – Охрид владата се одлучи за нов анекс на договор, за продолжување на рок за изведба
Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за Договорот за изградба на автопат А2, делница Кичево – Охрид.
Потврдено е дека изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид е приоритет. И Владата, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е определена да се продолжи со нејзината доизградба, како дел од европскиот Коридор 8.
„Владата ги овласти Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор, за продолжување на рок за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Кичево – Охрид. Истовремено, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира.„ – информираа од владината прес служба.
Одлуката била донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од Главен Надзор и Надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат. Во соопштението се вели дека Владата го зела предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања.
Првичниот проект за автопатот Кичево – Охрид, како што е оценето, беше со бројни пропусти во проектирањето, но со фокус на Владата и надлежните институции кон важноста на делницата, во голем дел тие се надминати и како што е оценето, во континуитет се создаваат услови за негово завршување.