Skip to main content

За брзо време Општина Охрид ќе биде целосно раздолжена, најавуваат од локалната

Општината неодамна ги повика доверителите да ги пријават побарувањата по основ на судски и извршни решенија и пристапи кон преговори за спогодбено намалување на обврските. Се чека обелоденување на извештајот за тоа колкав дел од долгот ќе успее да сервисира општината на ваков начин.
 |  Маја Савиќ  | 

9 доверители ги пријавиле своите побарувања по основ на судски и извршни решенија на Повикот од Општина Охрид. Преговорите со нив за спогодбено утврдување на обврските, односно намалување на обврските на општината завршија на 10ти декември. Сега во тек е постапка за изготвување на извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски кој ќе треба да помине на седница на Совет. Со усвојувањето на извештајот, ќе започне процесот за раздолжување на општина Охрид.

За брзо време се очекува општината да биде целосно раздолжена и да има одблокирана сметка, посочија од локаланата на  последната седница на советот на која беше изгласан Правилник за исплата на доверители на Општина Охрид по основ на судски и извршни решенија.

Намалување на долгот на општината по пат на  склучување спогодби со доверители спроведе и минатата локална власт во април 2019та година, кога општината доби финансиска помош и од централната власт, потсети опозицијата во советот и побара информација колкава сума на средства треба да бидат извршени од жиро сметката на општината и  зошто актуелната локална власт чекала две години за да биде објавен јавен повик кон доверителите.

„Кои беа причините, секако дека не е законска обврска туку претставува можност, зошто се чекаше, кога толку многу средства се извршија и со камати и судски и извршни трошоци, по две години од мандатот се објави повикот. Мислам дека требаше порано да се објави повикот, рече Живка Ангелоска – координаторка на советничка група СДСМ и коалицијата.

Раздолжувањето на Општина Охрид е долг процес, започнат од поодамна, посочуваат од локалната. Во 2019 год со финансиската помош од државата  беа подмирени  половина  од пријавените обврски,  а бидејќи  Општината не беше во можност да ги досервисира останатите повторно се вративме во претходни рамки во однос на долгот, посочи  раководителот на Одделението за буџетска координација . Додаде дека и обидите на предходната и сегашната локална власт за раздолжување преку кредит беа неуспешни.

„Во текот на оваа година, многу средства се запленети од буџетот на Општина Охрид, меѓутоа не беше возможно, да се спроведе оваа постапка, бидејќи за да се спроведе постапката повик за раздолжување треба да се имаат средства.Не можете да повикате на преговори и да преговарате за нешто што би се случило во иднина. Моментално на располагање имаме одредени средства и за многу брзо време Општина Охрид ќе биде целосно раздолжена. И поради тоа што сега располагаме со оној фонд без кредитно задолжување и без друга помош исклучиво со приходи од Општината, располагаме со доволен фонд за да конечно биде деблокирана Општината.„ – одговори Ацо Китрозоски, раководител на Одделение за буџетска координација при Општина Охрид.

Општина Охрид согласно закон преку спогодбено откажување од каматата односно намалување на главницата од доверителите  кои ги пријавиле  доспеаните а неплатени обврски заклучно со ноември 2023 планира да го сервисира целосно преостанатиот долг од околу 70 милиони денари со вклучени камати.