За лицата со попреченост ќе има приоди на улиците на кои во тек е реконструкција
Од Локалната самоуправа уверуваат дека сите три проекти на патната инфраструктура на 15ти Корпус, Абас Емин и Јане Сандански зафатите се изведуваат според највисоки стандарди. Укажуваат дека со години наназад општина Охрид овзоможува полесен пристап за овие граѓани со изградба на соодветни приоди на улиците.
Охриѓани заинтересирани дали лицата со инвалидитет ќе може да се движат без потешкотии на трите градски улици на кои се изведува реконструкција. Прашуваат дали на улиците 15ти Корпус, Абас Емин и Јане Сандански ќе има непречен пристап за лицата со инвалидитет. Општина Охрид внимава на почитување на законските прописи. Нема место за импровизации во проектите за подобрување на патната инфраструктура бидејќи градежните зафати се изведуваат според највисоките стандарди, вели Томе Џамтоски, општинскиот портпарол.
Тоа подразбира непречено одвивање на сообраќајот за моторни возила и за пешаци. Дури е законска обврска при изведување на тие проекти да има соодветни рампи или спуштени тротоари за да може непречено луѓето со попреченост да се движат слободно – истакна Џамтоски.
Од Фондот за комунален развој и патишта уверуваат дека доколку има потреба веднаш ќе реагираат. Службите ќе овозможат непречен приод и за овие граѓани на посочените места.
До овој момент, освен реакцијата до вашиот медиум, до нашите служби нема пристигнато поплака или барање за прилагодување на улиците со вакви приоди. Ги уверувам граѓаните дека фондот веднаш ќе реагира ако има потреба и ќе се направат соодветни измени – додава Џамтоски.
Општинскиот портпарол напоменува дека со години наназад општина Охрид се грижи и овзоможува непречен пристап за овие граѓани градејќи соодветни приоди на градските улици.