Skip to main content

„За посреќно детство“ по 19-ти пат, Охрид утре во знакот на спортот, дружењето и хуманоста

Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ утре по 19-ти пат ќе го оживее градскиот плоштад во Охрид. Во организација на Црвен крст Охрид, манифестацијата ќе понуди спортски игри, забава и дружење за најмладите, а преку продажбата на учеснички броеви ќе се обезбедува помош за деца од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца.
 |  Маја Савиќ  | 

Традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ ќе се одржи утре на градскиот плоштад по 19-ти пат. Настанот во организација на Црвен Крст Охрид во партнерство со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го промовира спортскиот дух, здравите животни навики и ја развива свеста кај населението за солидарност и хуманост.

„Учеството на оваа манифестација се обезбедува со купување на талонче или учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани со продажба на овие талончиња ќе бидат искористени за деца од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца на кои им е потребна помош.Понатаму, секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да учествува на различни спортски игри кои се во организација на Црвен крст Охрид. Тоа ќе биде најпрво трката, која ќе има ревијален карактер, а понатаму ракомет, фудбал, шах, пинг-понг, вртење хулахоп, скокање со јаже и слично. “ – изјави на денешната прес конференција Весна Терзиоска – Претседател на Црвен Крст Охрид.

Акцијата „За посреќно детство“ ќе започне во 11 часот со ревијалната трка од пред хотел „Палас“ а понатаму, спортот, забавата и дружењето продолжува на градскиот плоштад, каде ќе има пунктови со различни игри и активности.. За весела и разиграна атмосфера ќе се погрижат дечињата од фестивалот „Распеано рибарче“.

„Сакаме да се заблагодариме до нашиот традиционален партнер Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, Виа Фарм аптеките и до сите други помагатели, спонзори и локално општествено одговорни фирми и лица кои навистина дадоа еден голем придонес за да може оваа наша традиционална манифестација да продолжи, да опстојува и да ги поттикнуваме младите на едни здрави животни стилови, но секако и на хуманост. “ – изјави Терзиоска.

Традиционалниот партнер на акцијата, Стоматолошки центар Д-р Баткоски и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни совети и препораки за правилна грижа и заштита на оралното здравје кај децата и возрасните.

„Како и секоја година, така и годинава Ординацијата „Д-р Баткоски“, кој е еден репрезент на здрав начин на живот, обезбедува награди и подароци за учесниците на овој прекрасен настан, заедно со нашите партнери Виа Фарм аптеките и Курапрокс. … Покрај наградите, гарантирано имаме и забава, одлична забава за најмалите учесници на настанот и најмалите посетители и гости, па затоа ве покануваме утре на градскиот плоштад сите да уживаме во една прекрасна сабота.“ – изјави Магдалена Блажеска – Ординацијата „Д-р Баткоски“.

За беспрекорна реализација на настанот се грижатт младите волонтери на Црвен крст,

„ За нас овој традиционален настан за посреќно детство не претставува само еднодневен настан, туку можност сите деца да го поминат времето исполнето со игра, дружење и позитивна енергија, но и ние како млади волонтери да вратиме во заедницата во која живееме. На самиот настан подготвивме игри на кои самите деца ќе можат да се забавуваат, да се дружеат и да бидат дел од овие активности. Потребно е секое дете да си купи свој учеснички број којшто ќе се продава и на самиот ден. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите деца и родители од Охрид и Дебрца да дојдат на градскиот площад утре во 11 часот и заедно да создадеме едно навистина посреќно детство.“ – изјави Иво Георгиески – Клуб на млади при Црвен крст Охрид.

Секој кој ќе има учеснички број станува и потенцијален добитник на некоја од наградите чие извлекување ќе биде во втората половина на октомври.

 За следното 20-годишно јубилејно издание на манифестацијата За посреќно детство, од Црвен Крст подготвуваат многу изненадувања и нова форма и содржина.