За прв пат оваа година во Охрид ќе биде организирана Лазарева поворка
За прв пат оваа година во Охрид ќе биде организирана Лазарева поворка. Лазарева сабота или Лазарица e саботата пред Цветници, денот кога православните верници си споменуваат за чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос.



–Во нашата културно-народна традиција, овој ден се одбележува со Лазареви поворки. Обичајот бил широко распространет, а во него особено биле вклучени училишните установи. Така, во пресрет на празникот, децата, заедно со своите родители, повозрасни роднини и другарчиња, собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња и потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите каде што ги принесувале насобраните букети, велат од Лазареви поворки – Охрид, Здружение за негување на православните традиции.
Лазарева поворка во Охрид ќе се реализира на 04 април, сабота, со почеток во 11 часот. Собирно место ќе биде плоштадот „Св. Климент Охридски“, Охрид. Поворката ќе се движи до храмот „Успение на Пресвета Богородица” – Каменско. Пред почетокот на Поворката, на плоштадот ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници.


