За прв пат „Охридско лето“ отворено со џез музика
Со незаборавен концерт, модерниот џез квартет „Форплеј“, го отвори 57 издание на „Охридско лето“ на Антички театар. На отварањето, покровителот на фестивалот, претседателот на Р. Македонија Ѓорге Иванов истакна дека нема подобар начин за започнување на „Охридско лето“ од отворање со џез, чие второ име е слобода. А министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека во периодот што доаѓа „Охридско лето“ ќе понуди нова визија за новите времиња.
Древниот Охрид, креативното духовно жариште и прекрасна приказна, останува мост за духовно поврзувње и негување на културните и духовни вредности но и патоказ за еден поубав и похуман свет. Тоа се потврди и синоќа на отварањето на 57 издание на најпрестижната културна манифестација „Охридско лето“. Светската атракција, џез составот „Форплеј“, со својот настап ја воодушеви публиката во преполнетиот амфитеатар. Американските џезери придружувани од Македонската филхармонија под диригенската палка на маестро Емин Џијан, приредија незаборавен концерт кој долго ќе се памети. Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Р. Македонија Ѓорге Иванов, кој е и покровител.
„Веќе 57 години фестивалот Охридско лето е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж, по убавина, добрина и слобода. Од тука нема подобар начин да го започнеме нашето патување, освен преку џезот, чие второ име е слобода“.
Не е голема само честа, голема е и одговорноста да се стои вака простум пред вас на отварањето на Охридско лето, една од најзначајните културни манифестации за нашата земја, истакна Роберт Алаѓозовски, министерот за култура. Тој најави дека во периодот што доаѓа „Охридско лето“ ќе понуди нова визија за новите времиња.
„Голема е одговорноста кон традицијата, пред се кон нашите големи уметници и културни работници кои го градеа и градат ова живо културно богатство, кон сите големи светски и домашнии уметнички имиња кои продефилираа на сцената на оваа исклучително квалитетна прослава на уметноста. По повеќе од половина век изградба на „Охридско лето“’, манифестацијата стои исправена пред предизвиците на модерното време, новите културни наративи, новите технологии, уметничките изрази и новата публика“.
Од името на уметниците зборуваше актерот Мето Јовановски. Тој со еден висок стил на уметничка реторика истакна дека и покрај тоа што живееме во време на големи промени и бројни конфронтации, во едно такво опкружување нашите уметници опстојуваат и создаваат .
„Нека овој сценскиот простор ни натаму биде духовен светилник, волшебно огледало и достоен реперезент на уметничките дострели. Нека и понатаму зрачи со силата на убавото и духивното за радост на сите нас. Нека биде возвишен и благословен секој секој креативен сценски потег кој се случува во овој прекрасен простор над кој бдее светиот дух на Св Климент и Наум“.
Престојните 40 денови на програмата на „Охридско лето“, ќе има 33 концерти, 9 театарски и 2 балетски вечери, филм за охридскиот бисер и изложби.