За прв пат услуга „all inclusive“ во туристичката понуда во Охрид
Хотелот „Гранит“ е реализаторот на идејата за нудење на цел пакет услуги, а први во оваа услуга ќе уживаат холандските туристи кои склучиле договор со хотелот.
Годинава за прв пат услуга „Се е вклучено“ во туристичката понуда во нашиот град. Пионери во реализацијата на оваа идеја се луѓето од хотелот „Гранит“ кои велат дека за all inclusive услугата размислувале веќе неколку години, но дека оваа година конечно стигнале и до нејзина реализација. Од менаџментот на хотелот „Гранит“ велат дека нивната одлука да го применат овој модел на работа не е некоја голема иновација со оглед дека во другите туристички дестинации одамна се применува, но додаваат дека овој тип на услуги во туристичките објекти е она што на Охрид му недостасувало. Самата all inclusive понуда, на гостите им нуди доручек, ручек, вечера, маренда, пијалок од 9 до 10 часот навечер, и ужинка и сладолед за децата од 12 до 5 часот како и користење на базенот, пешкири и лежалки за гостите.
„Јас мислам дека на овој пазар му требаше таква услуга, на Охрид и објектите со таква услуга. Заеднички размислувавме со нашите партнери од Холандија и Белгија. Испитувањето на мислењата на нивниот пазар и гостите, што бараат тие. Така да активно се вклучивме и секако дека требаа подготовки, некои инвестиции околу таа работа, нови работи, сепак е некоја новина кај нас, но во принцип како што ви кажав функционира беспрекорно.“-вели управителот на хотелот „Гранит“, Перо Кутаноски.
Кутаноски вели дека ефектите од нивната нова понуда, годинава, барем со холандските туристи со кои го склучиле првиот договор, им донело зголемување на бројот на гостите во нивниот хотел за околу 100 проценти во однос на минатата година. Но за да се задржат овие гости, Кутаноски смета дека треба на туристите да им се понуди нешто повеќе.
„Добриот сервис, доброто сместување, добрата услуга, насмеаните лица на персоналот, тоа е пред се тоа што го бараат сите гости, не само гостите на all inclusive. Би рекол дека тука како хотел правиме и други активности за занимација и за да им го направиме одморот интересен на самите гости. Тука се фолклорни вечери, забави на базенот и на плажа, после 22 часот, обично го правиме тоа кога веќе престанува all inclusive сервисот, значи можат да се забавуваат и подоцна.“-рече Кутаноски.
Покрај другите услуги, хотелот „Гранит“ на гостите им нуди и можност да го користат нивниот базен, за кој велат дека предност во користењето имаат гостите во хотелот, особено оние од all inclusive сервисот. Кутаноски вели дека во нивниот хотел, најбројни се странските гости, или поконкретно гостите од Холандија и Белгија. За наредната година, Кутаноски изрази надеж дека и другите туристички капацитети во градов ќе ја прифатат и реализираат идејата за ваквиот тип на услуги.
{loadposition content9}