За прв пат знамето на ретките ги освои и длабочините на подвoдната пештера Врело
Поддршка за лицата со ретки болести од Спелео нуркачки клуб ВРЕЛО Македонија и Нуркачки клуб ВИДРЕ од Србија.
Нуркачи од овие клубови го однесоа знамето на ретките во длабочините на подводната пештера Врело во кањонот Матка. Со ова знамето освои 400 метри подводни канали и 60 метри длабочина.
Активистката за подигнување на свеста за ретките болести, охриѓанката Гордана Лолеска изрази благодарност до нуркачките клубови што со овој гест дадоа поддршка на Здружението на лицата со ретки болести „Ретко е да си редок“ од Охрид.
„Додека се надеваме медицината да изнаоѓа лекови или терапии за болните да водат нормален живот, лицата со ретки болести и нивните семејства постојано се борат нивните потреби да бидат препознаени од државата и општеството. Не можеме сами и не треба да бидеме во тоа сами. Секој гест и подвиг кој ја прави повидлива нашата кауза ни дава сила и мотив, кои ни се толку многу потребни“ – вели Лолеска.
А за видливоста на ретките, во подготовка е новата сезона, шеста по ред, од националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2024та“