Skip to main content

За Студенчишкото блато ќе се изготвува нова стручна стратегија

За Студенчишкото блато ќе се изготвува нова стручна стратегија.

 |  Валентина Неловска  | 

Одржана јавна расправа за менување и дополнување на Генералниот урбанистички план. Измените се однесуваат на 9 урбанистички блока. Меѓу нив се измените за урбанистичкиот план 17.1 за Студенчишко блато и просторот 2.4 кај ФТУ, информира раководителот на секторот за урбанизам и просторно планирање Бранко Арнаудов. Арнаудов напоменува дека на барање на ФТУ во урбанистичкиот блок 2.4 наместо пренамена во хотелски комплекс и понатака ќе останат двете образовни институции угостителското училиште и факултетот за туризам и угостителство. Додека пак, Студеничишкото блато кое опфаќа површина од 70 хектари ќе остане заштитена зона се додека не се изготви нова Стручна студија, која ќе треба да се изработи по налог на владата.

„Владата на РМ расправаше по студијата и ја врати да се ревидира за точно да се дефинира просторот на блатниот систем, а на останатиот простор да се предложат содржини кои нема да влијаат врз блатото или врз режимот на водите на Охридското Езеро“, укажува Арнаудов.

Трајче Талевски од СОС Охрид , за Студенчишкото блато вели дека станува збор за времено враќање на статусот од 2006 година. Останува да видиме како ќе се одвиваат работите понатака. Засега е неизвесна битката на невладините организации за да не се урбанизира Охридското блато.


„Тука не би рекол дека некој победи. Времено е одложена средбата или натпреварот меѓу граѓанските здруженија кои се борат за зачувување на Охридското блато и на крај оној дел од интересентите кои сакаат овој дел од еко системот да го употребат за други намени и да го урбанизираат“, нагласува Талевски.

Денешната расправа за менување на ГУП се одржува по втор пат. Граѓаните , НВО, еколозите од земјава и Охрид покажаа голем интерес за јавнат расправа. Сите забелешки кои се однесуваат за измените на ГУП за 9 урбанистички блока во писмена форма може да ги поднесуваат до 10 мај во секторот за урбанизам при Локалната самоуправа Охрид.