Забележани се две еленчиња нови рожби во репродуктивниот центар за елени во НП Галичица
Вработените од паркот се на терен и ги пребројуваат новородени срни. Нивните очекувања се камерите во паркот да регистрираат поголем број од 24 женки кои беа пуштени во паркот кон крајот на декември минатата година.
Во Националниот Парк Галичица се забележани првите две рожби на елените од репродуктивниот центар. Вработените од паркот се на терен и ги пребројуваат новородените еленчиња. Центарот со површина од 86 хектари од декември 2019 година е дом на 30 елени од кои 24 се женки и 6 мажјаци, информира Андон Бојаџи од НП.
„Според техничката спецификација од тендерот требаше да бидат бремени. Се потврди и кон крајот на месец мај и почетокот на месец јуни се породуваат. Вработени на паркот се на терен и ќе се обидат да констатираат колку млади се родени“, вели Бојаџи .
Во зимскиот период елените добро се адаптрирале во репродуктивниот центар. Тој е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници,а за нив се грижи и ветеринар со искуство во одгледување на елени, вели Бојаџи. Појаснува дека вработените се на терен и утврдуваат колкав е точниот број на подмладокот во паркот.
„Камерите кои ги имаме поставено регистрираа две, но возможно е да се повеќе. Камери имаме поствено на неколку локации. Не го покриваат цел терен , многу е голем“, вели Бојаџи.
Проектот за Репродуктивниот центар е вреден 340.000 евра и е дел од Програмата на Европската унија „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”. Репродуктивниот центар и елените според проектот ќе се користат исклучиво за активно управување на планинските тревести еко-системи, а не како ловиште.