Заборавеното сточарство ги менува пејзажите на Галичица

Од 50 илјади овци во минатото до едвај две до три илјади денес. Традиционалното сточарство на Галичица постепено исчезнува, а со него се менува и изгледот на планината. Поради намалената испаша, тревните површини ги презема смреката, со што се губат и живеалишта на бројни растителни и животински видови. Преку проектот „Биодиверзитет за сите” се преземаат активности за нивна обнова.
„Особено во летниот период кога сточарите со овците биле горе, бројот на овци се зголемувал и во одреден период достигнал и до 50 илјади овци. Денеска на планините на падините на Галичица пасат две до три илјади овци, што е значително помалку. И со престанокот на сточарството, односно активното управување со овие полуприродни живеалишта, придонесува да отпочне процес на сукцесија.” – вели Андон Бојаџи од Национален парк Галичица.
Полуприродните тревни живеалишта се дом на бројни растителни видови, инсекти, пеперутки и птици, а нивното зачувување зависи и од одржувањето на пасиштата.

Преку проектот „Биодиверзитет за сите” се спроведува практична обнова на овие површини. Една од главните активности е отстранувањето на смреката, која на одредени локации зазема голем дел од просторот и го оневозможува развојот на тревната вегетација.
„Со овие активности успеавме да обновиме околу 10 хектари површина, каде се отворени доста полутревни живеалишта во Галичица. Целта на оваа реставрација претставува враќање на биолошката разновидност на овие тревни живеалишта, односно со намалување на смреките кои се наоѓаат на определени приоритетни локации, се отворија тревни површини за да може да се врати биолошката разновидност.” – вели Ивана Христовска, проект-менаџер, „Биодиверзитет за сите”.
Активностите се реализираат рачно, со моторни пили, ножици и заштитна опрема, во соработка со фармери и работници. Во проектот биле вклучени околу 15 лица, а на подрачјето на Велестово директно се соработувало со пет фармери. Но, за долгорочно зачувување на обновените површини, потребно е повторно заживување на сточарството.
„Со внесување повеќе сточари во националниот парк, односно зголемување на добитокот, не само овци и кози, може и крави, ќе дојде до некаков менаџмент на овие тревни површини кадешто нема да остава простор за идна сукцесија.” – додава Христовска.
За да се стимулираат сточарите, меѓу препораките се и воведување агроеколошки мерки преку Министерството за земјоделство. Предложено е финансиски да се вреднува отстранувањето на смреката, но и забележувањето и документирањето на одредени значајни видови од биолошката разновидност.
Со рпеоктот обновени се десет хектаритревни површини, ачувувањето на карактеристичниот планински предел значи и зачувување на традицијата, природата и биолошкото богатство на Галичица.









