Забрана за пиење вода во околината на ОУ „Христо Узунов“ во Охрид поради зголемена матност
Забраната ќе остане во сила до добивање на резултатите од повторената анализа, со која треба да се потврди исправноста на водата.

ЈП „Водовод“ Охрид ги известува жителите во и околу мерното место кај ОУ „Христо Узунов“ дека водата за пиење привремено не е безбедна за употреба поради зголемена матност.
Како што информираат од претпријатието, до зголемувањето на матноста дошло поради изведување градежни работи од страна на надворешни приватни изведувачи.
Забраната за пиење вода ќе важи до добивањето на резултатите од повторената анализа, која ќе ја изврши ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид. Водата повторно ќе може да се користи за пиење откако ќе биде потврдено дека ги исполнува условите за здравствена исправност.







