Skip to main content

Задоцнето е замрзнувањето на цените

Од министерството за економија ќе ја прошират листата со производи чии цени нема да се зголемуваат доколку има опасност од нови ценовни шокови. Од Државниот пазарен инсепкторат информираат дека ќе контролираат дали трговците ја почитуваат одлуката.

 |  Валентина Неловска  | 

Во трговијата на големо и мало се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи со одлука на Владата. Нема да се менуваат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата во текот на два месеци почнувајќи од први декември до крајот на јануари. Ги прашавме охриѓани како  оваа одлука ќе се одрази на семејниот буџет и дали може порелаксирано да ги дочекаат престојните празници.

Охриѓани не се многу воодушевени од владината одлука за определување највисоки цени на основни прехранбени производи. Требаше порано да се запре ценовниот шок, укажуваат граѓаните. Велат дека се доцни со замрзнување на цените, тоа се направи откако веќе се зголемија цените, а платите и пензиите на граѓаните се мали.

Со одлуката цените на основните производи во маркетите треба да се вратат на ниво од први декември. По објавување на одлуката во Службен весник од Државниот пазарен инспекторат ќе проверуваат дали трговците ја почитуваат одлуката. Казните за злоупотреби се движат од 800 до 10.000 евра.

Се става пресек на цените што важеле на 1 декември. Можност за манипулации нема, калкулацијата не може да се менува тоа што биле цените на 1.12. Трговците имаат калкулации и при контрола инспекторите ќе гледаат која била цената на 1.12  или пред 1.12 ако во тој момент нема измени и таа цена во следните два месеци не може да биде повисока од формираната на 1 декември – истакна Цветко Ристески, раководител на Државниот пазарен инспекторат ПЕ Охрид.

Одлуката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи што ја донесе Владата, може да биде продолжена и по 31 јануари ако тоа го налагаат состојбите на пазарот. Од министерството за економија, најавија доколку се предвидат можности од нови ценовни шокови ќе се интервенира во рамките на надлежностите и согласно Законот за трговија со проширување на листата со производи чии цени нема да се зголемуваат.

Дали трговците ја почитуваат мерката, ќе проверува Пазарниот Инспекторат.