Зафатите за поправка на патот Охрид – Св Наум е предвидено да траат до март 2025
Започна рехабилитацијата на патот Охрид – Св Наум, од Коњско до границата со Албанија. Почнувајќи од 24 октомври сообраќајот се регулира со содветна сообраќајна сигнализација и истиот се одвива непречено.
Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека изведувачот бил воведен во работа на 04.08.2023 год. меѓутоа ОДОБРЕНИЕ за времена измена на режим на сообраќај за време на рехабилитација и поправка на државен пат Р1301, делница: Охрид – Свети Наум, било добиено на 13.10.2023 год. со што Изведувачот можел да започне со работите на терен.
„Активностите се одвиваат на државниот пат Р1301, делница: Охрид – Свети Наум, подделница Коњско – ГП Свети Наум. Со проектот не е предвидена реконструкција туку само рехабилитација.“ – посочуваат од ЈП Државни патишта.
Поправката на државниот пат Охрид – Свети Наум, од Коњско до ГП Свети Наум ќе чини 9.75 мил.евра. Рокот предвиден за изведување на градежните работи е март 2025 -та.
Овој патен правец е изграден пред педесетина години и врз него досега не се извршени поголеми реконструктивни зафати.