Загрижени угостителите апелираат Елем совесно да стопанисува со водостојот на Охридското езеро
Високиот водостој на Охридското езеро им прави големи штети на угостителите и жителите на крабрежјето. Подолг временски период и при мртов бран се поплавуваат терасите и се подлокува земјиштето и се нарушува стабилноста на куќите. Загрижените угостители и граѓани апелираат Елем веднаш да ги отвори испустите и да ја почитува законски пропишаната висина на квотата на водостојот.
Високиот водостој на Охридското езеро кој во моментов е 20 см над дозволената кота им прави големи штети на угостителите и на жителите на крајбрежниот појас. Подолго време трае загриженоста и на угостителите и на жителите. Угостителските објекти трпат високи штети бидејќи и при мртов бран, од осцилација на водната површина, им се поплавуваат терасите, а жителите пак стравуваат од нарушување на стабилноста на куќите, вели Михаил Мишев претседателот на угостителскиот еснаф Охрид.
„ Таков висок водостој не се памети многу долго време. Мислиме дека е резултат на несоодветно стопанисување со езерото. Заради тоа наш апел е да упатиме час поскоро до институциите да се преземат посериозни анализи и мерки истите да се санираат и езерото да се донесе во состојба која повеќе од 5 децении е забележана како законска кота која треба да биде запазена“, вели Мишев.
Постои Закон за водостој на Охридското езеро кој треба да се почитува и да не се префрла над законски пропишаната кота. Елем веднаш да ги отвори испустите и да ја почитува законски пропишаната висина на котата на водостојот, повикува и Димитар Зарчев сопственик на куќа на самиот езерски брег.
„Со Закон е дадена надлежност управувањето на водостојот на Охридското езеро на Елем. Доколку се надмаши котата тие имаат директна одговорност за почитување на Законот одредби за водостојот. Очигледно бегаат од тоа претворајќи го Охридскот езеро од природен во акумулациски базен. Водат сметка за продажба на електрична енергија и производство на електрична енергија. Немаме ништо против тоа но ако нема штета за другите корисници“, посочува Зарчев.
Угостителите и жителите најавуваат дека доколку нивните апели не допрат до надлежните институции ќе преземат правни мерки и ќе бараат обештетување од последиците на високиот водостој. Но, покрај штетите кои ги трпат стравуваат и од можни потреси кои може да ги предизвикаат подзмените води по повлекувањето на високиот водостој.