Skip to main content

Загрижува верувањето дека вирусот не постои не само кај граѓаните туку и кај дел од лекарите

Од Лекарската комора апелираат колегите да ги исполнуваат своите обврски кон пациентите со доследно придржување кон протоколите и начелата на медицината базирана на докази и кодексот на медицинската етика. Кон овој апел се приклучуваат и дел од охридските лекари.

 |  Валентина Неловска  | 

Лекарската Комора од земјава испраќа апел не само до граѓаните туку и до лекарите доследно да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Загрижени се што нивни колеги не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови, а некои дури сметаат и дека вирусот не постои или се работи за заговори. Порачуваат лекарите да ја исполнат својата обврска кон пациентите со доследно придржување кон протоколите и начелата на медицината базирана на докази, добрата клиничка пракса и кодексот на медицинската етика. Сè друго го руши нашиот улед како фела, стои меѓу другото во соопштението на ЛК на  Македонија. Од комората се загрижени од фактот што еден дел од нивните колеги своите лични убедувања ги ставаат пред сознанијата и насоките препорачани од Светската здравствена организација и државните здравствени авторитети и власти.

Соопштението е поразителен факт што и по три и пол месеци стоиме во првите борбени линии во справување со болните и последиците со болните од ковид 19, а одредени лекари не постапуваат по препораките и прописите на МЗ, вели за ТВМ д-р Јулија Василеска, охридски лекар, психијатар при ЈЗУ Општа болница Охрид.

„Ние не може да се базираме на личните убедувања, туку како стручни лица мора да сме свесни дека вирусот е тука и да размислуваме сега и овде, дека секојдневно се јавува, се пренесува, се разболуваат луѓе и умираат дел од нив. Да се однесуваме кон вирусот како реален факт тој е присутен и е тука и да се однесуваме според протоколите на Министерството за здравство“.

Во услови на пандемија мора да се изврши тријажа, да се има епидемиолошка анамнеза. Пациентите да се искрени и да не ги кријат контактите, да се надминат предрасудите. Да нурнеме во нашите личности и да ги разбиеме нашите стереотипи да се издигнеме над тоа и да бидеме поискрени за да ја заштитиме нашата заедницата. Она што важи за обичниот народ важи и за колегите. Образованието не секогаш е право пропорционално со развитокот на личноста. Човекот може да има практично знаење, но да нема емоционално знаење, вели д-р Јулија Василеска.

„Колегите кои веруваат во теории на заговор и кои одбиваат да носат заштитна опрема, да ги прифаќаат и упатуваат пациентите на лекување според протоколите се доведуваат во опасност себе и своите семејства и колегите на одделенијата каде што работат. Тоа е незамисливо. Тука се соочуваме со нивното его кое е нефлексибилно и ригидно, не сакаат да го прифатат фактот. Нивните одбранбени механизми, сите ние ги имаме, не ова не може мене да ми се случи мене, не ова не тука, не ова е мала бројка зошто јас да се штитам. Погрешно е и апелирам и ги молам, мора да сме единствени и сплотени во оваа борба.“

Вирусот е човечки, во моментов секој од нас е потенцијален носител и може да се зарази, не смее да има страв и стигма туку искреност. Апелирам да се сруши стигматизацијата која не оптоварува и да се спречи разгорувањето на пандемијата, порачува д-р Јулијана Василеска.