Skip to main content

Маалските дуќанчиња во целост не го почитуваат Законот за алкохолни пијалоци

Малите продавници и маалските дуќанчиња во целост не го почитуваат Законот за алкохолни пијалоци. Кај нив може да се затекнат отворени фрижидери со алкохолни пијалоци и после 19часот. Има одредени продавници каде се продава алкохол без лиценца за негова продажба. Општинскиот пазарен инспекторат врши редовни контроли и ги санкционира прекршителите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во охридските продавници генерално се почитува Законот за алкохолни пијалоци. Според овој закон после 19 часот во зимскиот период и после 21часот во лето, не смее да се продаваат алкохолни пијалоци. Ѓорѓи Бошалевски, раководителот на подрачната единица на пазарниот инспекторат вели дека во големите маркети во целост се почитува овој закон, но помалите продавници и малските дуќанчиња знаат да направат пропусти.

Во некои продавници не дека се продава алкохол по дозволеното време, туку сопствениците или продавачите дозволиле слободен пристап до фрижидерот со алкохолни пијалоци бидејќи после одреденото време не го заклучиле па купувачите можат слободно да земат од пијалоците, објаснува Бошалевски.

Тоа е казниво со закон. Затекнати се десетина вакви случаи при што на правното лице му е изречена парична казна во висина од 900 евра, а на одговорното лице 300евра. Исто така многу сопственици на продавници за колонијална стока или нивните сметководители не ја продолжиле лиценцата за продажба на алкохол. Во овие случаи пазарниот инспекторат добива преставки од страна на Министерството за економија да изврши контрола во овие објекти и доколку затекне продажба на алкохол без лиценца да ги санкционира.

Во големите маркети речиси и да нема ваква појава. Тие имаат свои сметководители кои водат сметка за тоа дали лиценцата е валидна. Но многу често имаме неправилности кај малите продавници каде поради немарност не ја продолжиле лиценцата. И тука следуваат санкции за сопствениците на продавницата, вели Бошалески.

Бошалевски кажува дека засега не е констатиран прекршок на законот и продажба на алкохол на малолетни лица. Инаку овој месец општинскиот пазарен инспекторат изврши контрола во градскиот пазар каде недозволено се продаваше алкохол. Запленети се 10 литри ракија, а лицето плати глоба од 200 евра.

{loadposition content9}