Законски измени за вработените во угостителскиот сектор да имаат стручно образование

Недостигот на стручен кадар останува еден од најголемите проблеми за хотелско-угостителскиот сектор. Во пресрет на сезоната сѐ потешко се наоѓаат келнери, готвачи,бармени.
Од средното угостителско училиште велат потребни се законски измени за да се врати угледот на професиите, .вработените во секторот да имаат стручно образование.

„Ние немаме закон за келнерот да мора да биде келнер, ниту готвачот да мора да биде готвач. Значи, потребни се некои измени во законите.
Барем 50 % дел од вработените во угостителско-туристичките објекти да имаат завршено средно угостителско образование и мислам дека тогаш ќе има многу поголем интерес за овие професии.“ -вели директорот на РЦСОО „Ванчо Питошески“, Тони Андрески.

Угостителските професии последниве неколку години стануваат атрактивни поради повисоките примања и побарувачката на пазарот, но проблемот во охридскиот регион е сезонскиот ангажман.
„Сметам дека тој тренд ќе почне да се менува, бидејќи порано платите беа многу ниски, особено кај келнерите и готвачите.Сега еден келнер, да речеме, зема околу 700 евра плата, а еден готвач можеби и повеќе од 1500 евра. Веќе се менуваат работите.„– вели Андрески.
Туристичките работници предупредуваат дека без стручен и професионален кадар ќе биде тешко да се одржи квалитетот на услугите и имиџот на Охрид како туристичка дестинација.
Новинар Соња Рилковска







