Музејот на вода во „Заливот на коските“ кај Градиште, најпосетуваниот локалитет во Охрид нема кустос.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, упати јавна критика откако ја увидел состојбата при лична посета на локалитетот и присуствувал на слика каде посетителите сами на себе се препуштени да се сликаат и читаат оскудни информации.
Веднаш да се ангажира лице кое ќе ја раскажува историјата на наколната населба и животот во тоа време со артефактите во музејот – порача Јаневски и праша „За што им се наплаќа билет на посетителите?“
Директорката на НУ „Завод и музеј“ Охрид, Катерина Ристеска Велкоска, вели дека на локалитетите „Залив на коските“ и Самоилова тврдина има табла со QR код кој можат посетителите со смарт телефоните да го скенираат и да добијат информации за локалитетот.
Тоа е современа техника и многу светски музеи ја користат истата пракса на информирање на посетителите – посочува директорката.
„Единствениот кустос во НУ „Завод и музеј“ работи во Куќата на Робевци. Потребата од кустоси е постојана, бидејќи динамиката на предизвиците со кои се соочуваме во заштитата и промоцијата на културното наследство во Охрид се зголемува од ден на ден, вели Ристеска Велкоска и установата планира да вработи такви лица.