Skip to main content

Занаетчиите да ги искористат новите субвенции, повика од Охрид заменик министерот за економија и труд

Забрзано ни изумираат занаетите. Занаетчиите да ги искористат активните мерки на Министерството за економија и труд, со цел, да се помогне на занаетчиството, повика денеска од Охрид, ресорниот заменик министер. Тој, покрај промовирањето на отворените повици за субвенции, од занаетчиите ги слушна проблемите со кои се соочуваат во работењето.
 |  Маја Савиќ  | 

Министерството за економија и труд ќе ги субвенционира занаетчиите преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци, направени зa набавка на нови машини или алати и дизајн на нов производ, но не повеќе од 200.000 денари по барател. За повикот се предвидени 6.500.000 денари од Буџетот на Министерството. Денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески беше во посета на Охрид, со цел, да ги запознае занаетчиите со мерките кои им стојат на располагање.

„ Една од мерките е јавниот повик за кофинансирање на занаетчиството во Македонија, како и јавниот повик за субвенционирање на занаетчии. Овој јавен повик започна од 19ти јули и ќе трае до 1-ви октомври 2024 год и во оваа прилика ги повикувам сите занаетчии во Охрид и Македонија да ги поднесат своите апликации до министерството за економија и труд. Огласот е во тек, се однесува на субвенционирање на купување алат и машини, она што им е најпотребно на занаетчиите, меѓутоа и подобрување на дизајните за одредени производи коишто ги произведуваат.“ – изјави заменик министерот Ристески.

На јавниот повик може да аплицираат активни регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години.

Занаетчиството е фактор за економски развој во нашата земја и Министерството за економија останува посветено во креирање мерки за негов развој, истакна Ристески и ги повика охридските занаетчии да покажат поголем интерес за повикот.

„Досега како што гледам од статистаиката за јавните повици за кофинансирање на занаетчии, во 2023 год имало само еден пријавен од Охрид, а предходната 2022 ниту еден, во 2021 само тројца занаетчии. Тоа е многу мала бројка во однос на бројот којшто активно функционира тука. Да ги повикам да го искористат овој повик и бројката да биде многу поголема, бидејќи преку развојот на занетчиството, ние не само што го продолжуваме векот на занаетчиството во Охрид и во Македонија, туку овозможуваме задржување на работните места и отворање нови работни места.“ – потенцира Ристески.

Статистиката покажува дека занаетите забрзано изумираат. Според Централен регистар, од 360 регистрирани занаетчии во Охрид, активни останале само 54. Претседателот на регионалната занаетчиска комора Охрид, Сашо Богоески се надева на почести средби како денешната со претставници на Владата, за да се помогне на занаетчиството.

Опфативме голем број на теми и задоволен сум од она што го слушнав од заменик министерот, се надевам дека во иднина ќе имаме блиски средби, на кои, постојано ќе потенцираме на некои работи кои ги засегаат самите занаетчии. Факт е дека самото занетчиство ни е во изумирање. Треба да се преземат некои мерки да се спречи тоа изумирање и да почнеме да го унапредуваме и да го ставиме онаму кадешто му е местото.“ – изјави Сашо Богоески, Претседател на регионална занаетчиска комора Охрид.

Заменик министерот за економија и труд во рамки на работната посета на Охрид се сретна и со претседателотна Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ Крсте Блажески. Хотелиерите бараат побрзи постапки за категоризација на хотелите, а повторно ги изнесле проблемите со недостаток на работна сила, проблемите со патната инфраструктура. Заменик министерот ветил дека во соработка со локалната самоуправа, во иднина, голем дел од посочените проблеми ќе бидат решени.