Запленети 100 метри рибарски мрежи со 239 парчиња риба во Охридското Езеро
Полициските службеници при контрола во близина на Пештани откриле недозволен риболовен алат и улов со вкупна тежина од над 24 килограми.

При контролни патроли во водите на Охридското Езеро, на 15 ноември 2026 година, во близина на охридското село Пештани, полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ при Регионалниот центар „Запад“ пронашле рибарски мрежи со вкупна должина од околу 100 метри.
Во мрежите биле затекнати 239 парчиња риба, меѓу кои охридска белвица и друг вид риба, со вкупна тежина од 24 килограми и 550 грама. Покрај мрежите и уловот, биле пронајдени и повеќе парчиња разновиден риболовен алат.
По насоки на јавен обвинител, пронајдените мрежи, рибата и риболовниот алат се одземени за натамошна постапка. За случајот е известен и надлежниот инспектор за рибарство од Државниот инспекторат за земјоделство.







