Започна чистењето на речните канали во околинатa на Охрид
Активностите стартуваа со чистење на коритото на Сушица. Планирано е да се работи на расчистување на сите останатите критични точки каде при пообилни врнежи има излевање од коритата.
Жителите кои имале проблеми со излевање на водите од речните корита на Коселска, Сушица и Грашница стравуваат дека е можно повторно да им се случат поплави доколку не се исчистат речните канали. Тие посочуваат дека во речното корито на Коселска, но и во останатите речни корита, под влијание на долгиот сушен период кој траеше од месец јули па се досега нема ни капка вода, а тоа носи опасност каналите да бидат обрастени со вегетација и корења кои ќе го попречат нормалниот водотек. Како втор проблем, го наведуваат органскиот отпад кој завршува во речните корита, а го фрлаат несовесни жители. Трет проблем, според жителите, е непостоење на водна заедница како пред 3 децении која се грижела за постојано чистење на речните корита.
Од локалната самоуправа смируваат дека започнало расчистувањето на речните корита во околината на Охрид. Екипите на ЈП Охридски комуналец од петокот стартуваа со чистење на речното корито на реката Сушица и понатаму ќе се делува според работната програма на Фондот за сообраќај , патишта и улици, информира Томе Џамтоски портпаролот на општина Охрид.
„ Се започна со зафати на потегот на каналот во населбата Радојца Новичиќ, на улицата Прилепска по текот на реката Сушица. Се расчистува нарасната вегетација, а ќе се работи и на останатите точки кои се внесени во програмата на Фондот“, вели Џамтоски.
Според Џамтоски, деновиве, ќе продолжат работите со чистење и на останатите речни корита за да се спречат слични излевања на водата од речните корита.
„Каналите на речните корита на Грашница на улиците Аџи Ариф Мустафа, Грашница и Коселска“, набројува Џамтоски.
Жителите кои живеаат покрај реката Коселска, напоменуваат дека никогаш темелно не е исчистено реченото корито в долж нејзиното течение. Последното чистење на дел од Коселска било пред 6 години на должина помалку од еден километар од Алтанин мост до Орман. Последното излевање, пак, се случи пред 2 години на каналите Сушица и Грашница кај Винарска визба кога на жителите им се поплавија дворови и ниви. е