Започна пријавувањето за субвенции за ПВЦ прозори и сончеви колектори
Започна пријавувањето на домаќинствата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци и сончеви термални колекторски системи. Министерството за економија со оваа програма и понатака ги промовира обновливите извори на енергија. Граѓаните,пак ги стимулира за поголема енергетска ефикасност во домаќинствата .
Министерството за економија и годинава ќе ги покрива дел од трошоците на граѓаните за поставување на сончеви колектори на покривите и за замена на старите со нови прозорци. Граѓаните може да поднесуваат барање за надомест на дел од вложените средства. Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен сè до искористување на предвидените средства. За надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата обезбеден е буџет во износ од 30.000.000 денари . Граѓаните ќе добиваат 50 отсто од средства инвестирани во нови ПВЦ прозори но не повеќе од 500 евра во денарска против вредност за домаќинство. Надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе може да го остварат лицата кои во своите домови имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци во периодот од денот на објавувањето на јавниот оглас, но под услов купувачот да нема користено претходно право на поврат на дел од средствата за обезбедување и вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци во својот дом. Со 6 милиони денари ќе се спроведува и мерката за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата . Оваа мерка се реализира по деветти пат, а се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, до 300 евра во денарска противвредност за домаќинство. И тука важи условот претходно да не се користела субвениција, а доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен. Досегашното искуство покажува дека граѓаните имаат голем интерес за користење на субвенциите за овие две мерки. Пријавувањето за субвенциите започна на 30 март , а ќе трае до крајот на месец август.