Започна проценката на штети од невремето во Охрид
Сите правни и физички лица кај кои се констатирани оштетувања од невремето кое го погоди регионот на Охрид пред два дена, од денес ќе може да поднесат барање за обесштетување. Од силната бура која предизвика бранови високи и над два метри најпогодени беа рестораните и кафулињата од првата брегова линија.
Започна проценката на штети од невремето во Охрид. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди од утринава е на терен за да ги утврди последиците кои ги предизвика невремето кое Охрид го зафати во саботата.
Комисијата излезе првично да види какво е оштетувањето,на терен и утврдивме дека има големо оштетување покрај брегот на Охридското езеро. Оштетени се угостителски објекти и платформи, има оштетување и на објекти, паднати оџаци, покриви, моторни возила. До Комисијата досега пристигнати се 58 барања. Од утре излегуваме на терен и ќе вршиме проценка по сите тие барања, вели Раде Велјановски, претседател на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.
Од силната бура која предизвика бранови високи и над два метри најпогодени беа рестораните и кафулињата од првата брегова линија. Искршени им се платформите, инвентарот, а и металните конструкции се оштетени. Тие вчера го расчистуваа хаосот, а денес веќе ги пријавија штетите во Локалната самоуправа.
Имаме некакво осигурување, а и се заблагодаруваме и на општината што веднаш ни излезе во пресрет и уште вечерта ни кажаа дека ќе ни пуштат екипи за да се исчисти отпадот барем од големото, а ние сега доколку дозволи времето до Велигден да се подготвиме и да ги уредиме терасите, најважно е што нема човечки жртви, вели Љупчо Патчев, сопственикот на Далга.
Штети има на терасите од Канео до ПТТ. Некои повеќе некои помалку се уништени, но на сите ќе им бидат потребни интервенции за да се доведат во првобитна состојба. Полуништен е и градскиот кеј, а целосно е урнат мостот на желбите кој го поврзува Охрид со Потпеш и Канео. Штетите официјално допрва ќе се утврдуваат, но Патчев кажува дека на неговиот угостителски објект таа изнесува околу 2000 евра.
Ова е еден вид и божја работа бидејќи со терасите и платформите влеговме во езерото. Како се вели свое не давај, туѓо не земај бидејќи кога и да е езерото ќе си до земи својот данок. Не можиме некого да кривиме кога сами сме криви. Ова е ум за друг пат, искрено кажува Патчев.
Инаку денес пријавувале штети во домовите и жителите на Пештани, а има оштетувања и кај земјоделските посеви. Надлежните велат дека временската состојба е стабилизирана и нема можност за нови големи поплавувања иако и за наредниве денови се најавени обилни врнежи од дожд.